КОГА ЌЕ ЈА ЗАВРШИ ИГРАЧКАТА КАРИЕРА

Серхио Рамос се гледа како тренер, а не како „фотељаш“

Капитенот на „кралевите“ е „позагреан“ да биде тренер отколку некој клупски функционер во Реал Мадрид. 

објавено: 30 април 2017 - 11:00

Серхио Рамос има 31 година и сигурно е дека ќе игра уште неколку сезони на највисоко, професионално ниво. Но прашањето кое му беше поставено од страна на верните фанови на Реал Мадрид е што понатаму, односно кога ќе ги стави „копачките на клинец“?

Со посредство на социјалните мрежи, навивачите на Реал Мадрид го прашаа својот капитен за неговата иднина. И се чини дека можат да бидат задоволни од одговорите.

„Би сакал да ја завршам кариерата во Реал. Сеуште не сум одлучил, но една од опциите е потоа да станам тренер“ - порача миленикот на „мадридистите“.

Искусниот дефанзивец беше запрашан дали себеси се гледа во улога на претседател на Реал Мадрид?

„Претседател? Никогаш не се знае, но во овој момент не се гледам себеси во таа улога“- одговори Рамос, а пренесува „Марка“.

Се почесто тема во фудбалот е воведување на видео-технологијата како испомош на судиите. А и шпанскиот репрезентативец не гледа ништо лошо во тоа.

„Се што може да го унапреди фудбалот е добредојдено“.

Меѓу оние многу прашања неминовно е и она околу тоа кој му е најдрагиот гол кој го постигнал во дресот на Реал Мадрид. 

„Тешко ми е да одберам, но ако веќе морам, тогаш тоа е оној гол во Лисабон“- дополни Рамос.

Секако со мисла на погодокот во финалето на Лигата на Шампиони против Атлетико Мадрид, со кој неговиот тим дојде до израмнување (1:1) во 93 минута, а потоа преку продолженија дојде до победата (4:1).

 

„ 

Најново во Меѓународен Фудбал