Џабе „палење“ на англичаните и италијанците

Шпанските екипи освоија 13 од последните 14 трофеи во Европа

Неверојатна е доминацијата на шпанските екипи во натпреварувањата на УЕФА

објавено: 17 мај 2018 - 20:30

Атлетико Мадрид синоќа без поголеми проблеми со 3:0 го победи Олимпик Марсеј и тимот од главниот град на Шпанија се радуваше на трофејот во Лигата на Европа. Со оваа победа, само продолжи доминацијата на шпанските екипи во натпреварувањата на УЕФА. Во последните пет години, дури 13 од досегашните 14 трофеи завршија во витрините на шпански екипи.

Во Лигата на шампионите Реал Мадрид има три титули во последните четири сезони. „Кралевите“ се радуваа во 2014, 2016 и 2017 година. И сезонава имаат шанса, бидејќи ќе бидат дел од финалето во Киев каде противник им е англискиот Ливерпул. Во 2015 година европски првак беше Барселона.

Во Лигата на Европа, три години доминираше Севилја, која се радуваше во 2014, 2015 и 2016 година. Шпанската доминација лани ја прекина англискиот гигант Манчестер Јунајтед, но сезонава повторно трофејот е во Шпанија и тоа во витрините на Атлетико. 

Кога трофеите во ЛШ и ЛЕ се за шпански екипи, нормално е и пехарот во Суперкупот на Европа да оди во Шпанија. Реал Мадрид се радуваше во 2014, 2016 и 2017, а Барселона во 2015 година. Ако Реал ја освои Лигата на шампионите, тогаш и сезонава трофејот во Суперкупот на Европа ќе оди во Мадрид, но дилемата е дали во витрините на Атлетико или на Реал. 

Најново во Меѓународен Фудбал