Скандалот и натаму гори со полна сила

Словаците бараат Данска да им плати „пенали“

Словаците бараат обештетување, затоа што билетите за вечерашниот пријателски меч мораа да ги продаваат по 1 евро, бидејќи никој не сака да дојде да го гледа „циркусот“ во Братислава.

објавено: 5 септември 2018 - 17:15

Скандалот во кој се вплетка Данската фудбалска асоцијација и натаму пламти. Огниот кој се запали со недоразбирањата околу спонзорските права на Федерацијата и имиџ-правата на репрезентативците е на пат да ескалира, доколу ситуацијата не се смири до недела кога Данска треба да го одигра првиот меч од Лигата на Нации.

Дополнително масло на огнот сега додаваат и преставниците на Словачката федерација кои побарале од своите дански колеги да им исплатат отштета поради нарушениот углед и квалитет на веќе закажаниот пријателски меч вечерва во Братислава. Данците се согласиле да и платат на Словачка надомест за намалените приходи, бидејќи скандинавците вечерва ќе играат со второлигашки и третолигашки играчи, па дури и со некои играчи од футсал репрезентацијата.

Бидејќи словачките навивачи знаат дека Данците дојдоа со "туристички состав", билетите за влез на стадионот се спуштија на само 1 евро. Како двете Федерации ќе го решат ова прашање, останува да се види.

Најново во Меѓународен Фудбал