КОИ СЕ НАЈГОЛЕМИ ИЗВОЗНИЦИ НА ТАЛЕНТИ?

Србија и Хрватска се во Топ 10, Македонија никаде ја нема

Петкратниот светски првак Бразил очекувано е лидер во оваа категорија и имаат најмногу фудбалери кои играат надвор од својата земја

објавено: 29 ноември 2016 - 08:25

Најфудбалската земја во светот, Бразил, уште еднаш го потврди овој примат, откако беше посочена како најголем извозник на играчи во светот. Ова го потврди Меѓународниот центар за спортски истражувања (ЦИЕС), кој е со седиште во Швајцарија.

Според податоците на ЦИЕС, направени во 31 земја во Европа, моментно има 469 бразилски фудбалери. Тоа е убедливо најмногу, додека сите останати се далеку зад „кариоките“. На второто место со играчи кои играат надвор од своите граници е Франција. Низ оние земји кои биле дел од истражувањето има дури 321 фудбалер. Зад Бразил и Франција, следуваат Шпанците. Надвор од Примера дивисион, играат 201 фудбалер.

Интересно е што зад овие три светски велесили кои биле и континентални и светски прваци, следува Србија. Напиот северен сосед е голем извозник на фудбалери. Моментално во 31 земја низ „стариот континент“ играат дури 189 играчи. Зад Србија е Аргентина со „извоз“ на 168 играчи, а потоа е Германија со 149 фудбалери.

Интересно е што меѓу најголемите седум извозници, покрај петте земји кои биле континентални и светски прваци, освен Србија е уште и Хрватска. „Коцкестите“ даваат дури 141 фудбалер кои играат низ европските првенства. Место меѓу најголемите извозници има и за Холандија (134), Португалија (130) и Нигерија со 118 играчи.

На оваа листа каде Србија и Хрватска се во самиот врв, никаде ја нема Македонија. Малку се македонските играчи кои се пробиваат во странство. Од нашите интернационалци моментално имаме тројца во италијанската Серија А и тоа докажаниот капитен Горан Пандев во Џенова, како и дуото од Палермо, Илија Несторовски и Александар Трајковски.

Моментално токму Несторовски е најсветлата точка на меѓународна сцена, бидејќи има постигнато седум погодоци во Серија А. Одличен е и Езгјан Алиоски кој е прв стрелец во тимот на Лугано во Швајцарија. 

Најново во Меѓународен Фудбал