НОВО ВОЗБУДЛИВО ОСМИНАФИНАЛЕ

Субашиќ им пресуди на Данците, Хрватска оди на Русија

Во осминафиналето одиграно на стадионот во Нижњи Новгород, репрезентацијата на Хрватска на пенали со резултат 3:2 ја совлада Данска. После регуларните 90. минути и двете продолженија беше 1:1.

објавено: 1 јули 2018 - 22:56

Во осминафиналето одиграно на стадионот во Нижњи Новгород, репрезентацијата на Хрватска на пенали со резултат 3:2 ја совлада Данска. После регуларните 90. минути и двете продолженија беше 1:1.

Поведе Данска со 1:0, стрелец беше Матијас Јоргенсен! Неверојатно, веќе во 58. секунда Хрватска прими гол, откако топката помина под раката на Субашиќ после еден корнер и мешаница на петерецот.

Хрватите веднаш израмнија, во четвртата минута Кјер го погоди својот тимски колега, а напаѓачот на Јувентус ја искористи оваа невнимателност и ја затресе данската мрежа за израмнување.
За период од три минути следуваа по една убава шанса на двете страни, најпрвин се заканија Данците, Субашиќ го одбрани ударот на Брајтвајт од шест-седум метри, а на спротивната страна Шмајхел мораше двапати да интервенира, упорниот Перишиќ се обиде и трет пат, но шутираше високо над голот.

После оние луди први пет минути на мечот во Нижњи Новгород и споменатите прилики за реализација до крајот на првото полувреме немаше возбудувања и на пауза се замина со резултат 1:1.
Во 71. мин. нови возбудувања на теренот, Николај Јоргенсен беше во солидна позиција, шутираше од свртување, но сигурен беше голманот на „коцкестите", Субашиќ.

И двете селекции како да ги чекаа двете продолженија од по 15. минути, во самиот финиш Ракитиќ се обиде тоа да не се дозволи, но неговиот силен удар заврши неколку метри покрај стативата.
Повеќе калкулирање, отколку надигрување во текот на првото продолжение, многу грешки правеа хрватските фудбалери на средината од теренот, среќа нивна беше што тоа нивните противници не го искористуваа најдобро.

И кога никој не очекуваше Хрватите во 114. мин. искористија една невнимателност во данската одбрана убава топка доби Ребиќ кој го издрибла најпрвин голманот и беше фаулиран за пенал. Модриќ имаше меч-топка, но не реализираше во мрежата на Шмајхел кој „жива" ја фати топката за одржување на шансите на данската селекција.

Кај пеналите во која за прв пат учествуваа и двете селекции во историјата на Мундијалите, подобри беа Хрватите, во петтата клучна серија Субашиќ го имаше и третиот одбранет пенал, а за пласманот во четвртфиналето го визираше Ракитиќ за конечни 3:2.

За пласман во полуфиналето, селекцијата на Хрватска на 7. јули во Сочи ќе игра против домаќинот Русија.

Најново во Меѓународен Фудбал