ДРУГАТА СТРАНА НА ФУДБАЛОТ

Тајните на фудбалерите на Бразил

Репрезентацијата на Бразил ги има едни од најдобрите фудбалери на светот. За нив лудуваат низ цел свет, ги следат на социјалните мрежи, слушаат нивни интервјуа, а исто така сакаат да дознаат нешто повеќе за нивниот приватен живот.

објавено: 22 јуни 2018 - 13:20

Репрезентацијата на Бразил ги има едни од најдобрите фудбалери на светот. За нив лудуваат низ цел свет, ги следат на социјалните мрежи, слушаат нивни интервјуа, а исто така сакаат да дознаат нешто повеќе за нивниот приватен живот.

РИТУАЛОТ НА ТИТЕ

Бразилскиот селектор Тите, е голем верник. Тој пред секој натпревар ги посетува околните цркви. Им дава на своите фудбалери нараквици од светци, со цел да ги штити неговите избраници од повреди. Интересно е тоа што Тите си поставува олтарче во соблекувалната и се моли пред секој натпревар.

ТАЛЕНТОТ ЗА МУЗИКА НА АЛИСОН
Голманот кој можеби во моментов се наоѓа во најдобра форма, Алисон, покрај големиот талент за фудбал и одличните рефлекси кој ги прикажува на фудбалските терени, тој е и музикален. Поточно во своето слободно време Алисон одлично свири на гитара а воедно и компонира песни. Инаку тој доаѓа од голманска фамилија. Неговиот брат бил голман, заедно играле во Интер од Порто Алегре, па дури и неговата мајка играла фудбал и била голманка.

ДАНИЛО ПОЧНАЛ КАКО ГОЛМАН
Одличниот играч од дефанзивата, лесно можело да се случи да го гледаме како ги брани противничките удари. Но сепак Данило не продолжил со ракавици на рацете. Всушност добил тренер кој го препознал неговиот талент за фудбал, и од голманската позиција го преместил во одбраната.
Инаку Данило слави роденден на 15 јули, тоа е денот кога ќе се одигра финалниот дуел во Русија, ќе има ли двојно славје за играчот на Реал Мадрид, останува да видиме.

СИЛВА БОЛЕДУВАЛ ОД ТУБЕРКУЛОЗА И СЕ ЛЕКУВАЛ ВО РУСИЈА
Тиако Силва големиот борец на теренот, кој става глава во ситуација во која некој играч би се поколебал и не би ставил ниту нога. Со 17 години заминал во Русија и играл за Динамо Москва. Таму му била дијагностицирана туберкулоза и шест месеци се лекувал во руските болници. Неговата фамилија немала пари веднаш да дојде и да биде покрај него. Дури после четири месеци пристигнале да бидат со него.

МИРАНДА И НЕГОВИТЕ 10 БРАЌА
Миранда е најмладиот од 11 браќа. Кога имал шест години, неговиот најстар брат имал 24 и бил фудбалер. За жал починал, но таа несреќна ситуација, била причина Миранда да биде она што е денес, одличен фудбалер но и човек со голем карактер. Тој е срамежлив и во соблекувалната седи во некое ќоше и зборува само кога ќе го прашаат нешто. Тите за него вели дека е тимски играч и го нарекува капетан.

МАРСЕЛО СОБИРА КОПАЧКИ!
Марсело не собира дресови од своите ривали и соиграчи, ниту сака да ги разменува по натпреварите. Играчот на Реал Мадрид има голема колекција на копачки. Дури има пар од Кристијано Роналдо. Исто така Марсело е голем љубител и на тетоважи. На раката го има истетовирано датумот на раѓањето на неговиот дедо Педро кој ја напуштил работата предвреме за да земе отпремнина со која купил автомобил за да го носи внукот на тренинг секој ден. Дури го има истетовирано и автомобилот во црвена боја. Дури си ја зел топката од финалето на ЛШ во Кардиф и ја однел на плажа во Ботафого и играл фудбал со другарите.

КАСЕМИРО ,,СЛУЧАЈНА'' ЅВЕЗДА
Касемиро сосема случајно станал фудбалер. Негов роднина имал фудбалски тим, и откако еден играч ги напуштил сред натпревар Касемиро се приклучил да го пополни местото. Тој покажал талент за фудбал и му било понудено да продолжи да игра. Сега играчот од средниот ред е еден од најдобрите во редот за врска.

ПАУЛИЊО ЗАПОЧНАЛ ВО ЛИТВАНИЈА И ВО ПОЛСКА
Ретко се случува фудбалер кој станал голема ѕвезда од Бразил, фудбалскиот пат да го започне во Литванија (ФК Вилнус) и Полска (ЛКС Лоѓ). Но и покрај тоа што Паулињо се упатил во овие држави на 17 годишна возраст тоа за него било неуспешен обид. Сакал да се откаже, но добил понуда од еден мал бразилски клуб преку кој подоцна стигнал до Коринтијанс и другото е историја. И Кина беше дел од неговата фудбалска кариера, но прејде во Барселона за да го очува своето место во бразилската репрезентација.

ВИЛИЈАН СОБИРА КАПИ

Интересно хоби има играчот на Челси, невообичаено за еден фудбалер. Ако Марсело имаше голема колекција од копачки, Вилијан има колекција од капи во различни бои.
Неговиот сон бил да игра со Бразил на Светско првенство, и тој сон е исполнет. Велат дека го има најсилниот шут од сите играчи во „Селесао".

КУТИЊО ПАДНАЛ ВО ШАХТА
Ја пеел бразилската химна на училиште и сонувал да биде фудбалер на „Селесао". Неговите браќа ги имаат снимени речиси сите фудбалски натпревари во детска категорија. Кога имал четири години Кутињо паднал во отворена шахта, но за среќа останал неповреден.

МАТЕУС....СЕПАК НЕЈМАР
Матеус ќе беше едно од најспоменуваните имиња на светот, доколку таткото на Нејмар не се предомислил во последен момент и во регистарот посочил дека неговиот син сепак ќе го носи името ,,Нејмар''.
Нејмар на 6 месечна возраст преживеал и сообраќајна несреќа, откако во една бурна ноќ неговиот татко ја загубил контролата над својот автомобил.

ЖЕСУС И НЕГОВАТА ПРОСЛАВА НА ГОЛ
Пред четири години на СП во Бразил Жесус ги бојадисуваше улиците во Жардим Пери, едно од најопасните фавела во Сао Пауло и ги гледаше натпреварите на телевизор и сонуваше за настап на Мундијалот. Тоа и му се оствари. Четири години подоцна.
Тој преку телефон зборува со својата мајка пред и по завршувањето на секој натпревар, па дури и кога прославува гол тоа го прави со имитација на телефонски повик кон мајка му.
Не знае кој му е татко.

Најново во Меѓународен Фудбал