КАКО ЗА САМО ЕДНА СЕКУНДА СРЕЌАТА СЕ ПРЕТВОРИ ВО КОШМАР

Требаше да биде голема ѕвезда, а сега се молат да остане жив

Фудбалот кој го играше Абделхак Нури беше вистинска уметност. Сепак него веќе нема да го видиме на фудбалскиот терен, а молитвите сега се само да остане жив

објавено: 15 јули 2017 - 18:30

Абделхак Нури е момчето за кое се очекуваше да се пишува во следните 10-тина години во светскиот фудбал. Младиот 21-годишен играч на Ајакс ги имаше сите предуслови да стане супериграч. Сепак, наместо да трча на теренот, тој сега е во болничката постела и се бори за својот живот.

Причина за ваквата ситуација е трагедијата која се случи за време на пријателскиот меч на неговиот Ајакс против Вердер. Нури едноставно колабираше на теренот. Лекарските служби веднаш реагираа, а популарниот Апи беше пренесен со хеликоптер во болница.

Сега, една недела по несреќата, прогнозите воопшто не се добри. Нури има трајни оштетувања на мозокот. 

„Тој не може да зборува, не може да оди, не може воопшто ни да не препознае кои сме. Не чувствува ништо, не слуша ништо. Базата на мозокот му е оштетена и не функционира. Според зборовите на лекарите, сите овие работи, веќе никогаш нема ни да може да ги прави“, рече Абдерахим Нури, брат на Абделхак.

Срцев удар е причина за колабирањето на теренот за време на дуелот против Вердер. Првично се веруваше дека Аби ќе биде добро, но сепак вестите се лоши. Никогаш веќе нема да може нормално да живее.

„Нури е огромен талент. За жал, никогаш нема да дознаеме колку далеку неговата ѕвезда може да стигне“, разочарано констатираше некогашниот голман на холандската репрезентација, Едвин ван дер Сар, кој сега работи како директор во Ајакс.

На крајот од минатата година, Нури беше избран за најдобар играч во втората холандска лига. За вториот тим на Ајакс даде 10 лигашки голови, а имаше и 11 асистенции, во вкупно 26 настапи. Минатата сезона имаше и 15 настапи за првиот тим на Ајакс, а во дебито даде гол и тоа од слободен удар.

Повеќе светски фудблаки ѕвезди изразија жалење за трагедијата што го снајде Нури.

„Многу ми е жал за тоа што се случи со Апи. Ние сме со тебе. Остани силен“, напиша ѕвездата на Барселона, Луис Суарез, кој додека играше за Ајакс има фотографија со момчето.

Со трагедијата што се случи за време на пријателскиот меч меѓу Ајакс и Вердер, фудбалот дефинитивно загуби еден голем талент. Сега Нури има друга голема битка. Да остане жив и колку може да успее да се врати во животот кој претходно го имаше. 

 

Најново во Меѓународен Фудбал