ЛИГА ЕВРОПА - ПРВИ ПОЛУФИНАЛНИ НАТПРЕВАРИ

Атлетико издржа против Арсенал и против судијата

Стоперот Шиме Врсаљко и тренерот Диего Симеоне беа исклучени на „Емирејтс", но Атлетико извлече 1:1 и на свој терен идната недела ќе го брка пласманот во финалето.

објавено: 26 април 2018 - 23:10

Атлетико Мадрид издржа на жешкиот терен на „Емирејтс" во првиот полуфинален дуел од Лига Европа против Арсенал. Шпанците беа принудени од самиот старт на мечот да играат на својата половина и да се бранат затоа што имаа играчки дефицит. На крајот можат да бидат задоволни од ремито 1:1, затоа што имаат гол во гости и реваншот ќе го играат на својот „Метрополитано".

Францускиот судија Клемен Турпин во втората минута од мечот му го покажа првиот жолт картон на Врсаљко, а во 11 минута по стартот над Лаказет и вториот, па Хрватот мораше да замине во соблекувалната.

Две минути подоцна на трибини мораше и тренерот Диего Симеоне затоа што Турпин го исклучи поради протест за тоа што не го исклучи Белерин за старт врз Лукас Хернандез во 13. минута.
Ќе видиме што ќе кажат „дисциплинците" на УЕФА, а Симеоне освен реваншот може да го пропушти и евентуалното финале ако Атлетико се избори за него.

Инаку Арсенал беше доминантен во првиот дел од мечот, а Лаказет и Велбек пропуштија убави шанси за предност на „топчиите". Всушност фудбалерите на Арсенал имаа 15 удари кон противничкиот гол вклучувајќи ги и блокираните што е најмногу во едно полувреме без да биде затресена мрежата.
Во вториот дел иста слика. Арсенал напаѓаше, ја држеше топката во своите нозе, а противникот се трудеше да го одбрани својот гол. Одбраната на „јорганџиите" пукна во 61 минута, кога Вилшир нафрли, а Лаказет со глава го совлада Облак.

Атлетико израмни во 82 минута. Прво фудбалерите на Арсенал погрешија, Гризман се најде во контра напад успеа да го надмудри и голманот и својот чувар и да ја затресе мрежата за ова вредно реми и гол во гости кој им дава предност.

На вториот полуфинален меч Марсеј на својот „Велодром" ја искористи фаворитската улога и го победи Салцбург со 2:0. Флоријан Товин во 15 минута донесе предност за некогашниот европски шампион, а во 63-тата Енџије погоди за конечни 2:0 и солидна предност на францускиот тим пред реваншот во Австрија.

Најново во Меѓународен Фудбал