Барсегјан: Публиката ни е 12. играч, со поддршка од трибините можеме секого да победиме

Со поддршка на навивачите можеме секого да победиме. Тие ни се 12. играч и ни даваат посебен мотив. Досега ги победивме сите на домашен терен и се надевам дека ќе биде така и против Зенит, вели еден од вардаровите јунаци, Тигран Барсегјан. Задутре, Вардар ќе го игра првиот меч во Л групата во Европа Лигата, а противник е силниот руски тим, Зенит

објавено: 12 септември 2017 - 15:22

„Со поддршка на навивачите можеме секого да победиме. Тие ни се 12. играч и ни даваат посебен мотив. Досега ги победивме сите на домашен терен и се надевам дека ќе биде така и против Зенит, вели еден од вардаровите јунаци, Тигран Барсегјан.

Задутре, Вардар ќе го игра првиот меч во Л групата во Европа Лигата, а противник е силниот руски тим, Зенит.

„Филип Втори“ арената е силен бедем на македонскиот шампион, тука Вардар ги победи и Копенхаген и Фенербахче, а патот кон историјата започна во Струмица на стадионот „Младост“. Таму беше надигран шведскиот првак Малме.

„Во досегашните натпревари во Европа, покажавме дека имаме добар тим и дека можеме да се носиме со секого. Особено на домашен терен каде што остваривме три победи во исто толку натпревари. Се надеваме дека таа серија ќе продолжи и против Зенит. Играме против многу силна екипа, но така беше и со Фенербахче, па сепак ние победивме и на двата натпревари. Во Скопје заедно со нашата публика, можеме да направиме уште еден голем резултат", вели Барсегјан.

Тигран посакува и очекува полни трибини, задутре од 20,45 часот, што би бил силен потстрек за нов подвиг, прв во фазата по групи во Европа Лигата.

„Што повеќе публика, тоа подобро за нас. Тие се нашиот 12. играч, ни даваат мотив да играме и да се претставиме во најдобро издание. Ние ќе им се оддолжиме со максимална игра и се надевам на крајот со победа. Дојдовме до групната фаза, и сега треба да мислиме како да освоиме што повеќе бодови. Исто така во овој натпревар влегуваме со добра серија од пет победи и се надеваме и посакуваме да продолжи", вели Ерменецот.

Најново во Меѓународен Фудбал