Победите против Малме, Копенхаген и Фенер носат оптимизам

Добра математика на капитенот - Грнчаров: Ќе мислиме на втор круг со победа против Зенит и успех со Розенборг

Вардар е дебитант во Европа Лигата, но сакаме да оставиме добар впечаток. Игравме офанзивно досега и така ќе продолжиме против Зенит, екипа која редовно игра на европската сцена, во Лигата на шампионите и Европа Лигата. Ако ги победиме и потоа забележиме добар резултат на гости ќе ни пораснат амбициите. Тогаш можеме да мислиме и на подвиг и пласман понатаму“, вели Бобан Грнчаров, пред утрешното деби на македонскиот првак во Европа Лигата

објавено: 13 септември 2017 - 20:19

Бобан Грнчаров е столб во одбраната на Вардар, утре ќе има тешка задача заедно со соиграчите да ги сопре офанзивците на Зенит, иако гостите постат без гол над 200 минути.

„Играме против силна екипа, која настапува стандардно во Лигата на шампионите и во 2008 година го освои УЕФА купот. Ние сме пред нов предизвик, дебитанти сме, но сакаме да оставиме добар впечаток. Играме офанзивно, победивме на сите мечеви дома во квалификацииите и сакаме и четврта победа. Не успеавме да влеземе во Лигата на шампионите, но и ова е историски момент за нас. И Европа Лигата е значајно натпреварување, а ако победиме утре и со успех потоа на гостински терен ќе ни пораснат амбициите, па сигурно ќе мислиме и на подвиг и пласман понатаму“, изјави Бобан Грнчаров.

Утре нема да игра вториот стандарден стопер Евгени Новак, а замена ќе му бидат Висар Муслиу, или Дарко Велковски. Тренерот Чедомир Јаневски ги знае квалитетите на гостите од Русија, но верува и во својот тим.

„Новак е повреден и веројатно нема да игра утре, но имаме квалитет за да го замениме. Ова е историски меч не само за Вардар туку и за мак-фудбалот. Се подготвуваме за добар резултат. Играме со Зенит, кој е фаворит и имаат амбиции да стасаат и до финале. Тоа е спој на одлични домашни и странски играчи, со аргентински шмек. Се надевам дека со помош на навивачите и особено Комитите ќе успееме задоволни да го напуштиме теренот“, вели Јаневски.

 

Најново во Меѓународен Фудбал