ТУРЦИТЕ ЈА ПОДОТВОРИЈА ВРАТАТА КОН ОСМИНАФИНАЛЕТО ВО ЛЕ

Елмас одличен, Фенер обезбеди предност против Зенит (видео)

Фенербахче со минимална предност од 1:0 ќе патува на реваншот во Санкт Петербург на 21 февруари против Зенит. Голот го постигна Ислам Слимани, а Елиф Елмас имаше супер настап

објавено: 12 февруари 2019 - 20:47

Поразот од Кајсери кој ги остави во долниот дел на табелата во Супер лигата не остави длабока трага кај фудбалерите на Фенербахче кои вечерва одиграа супер натпревар и го победија рускиот Зенит со 1:0 во првиот меч од 1/16 финалето на Лигата на Европа.

„Канаринците" беа подобри и заслужено победија иако гостите можеа да извлечат реми затоа што имаа пенал.

Елиф Елмас го одигра цел меч во текот на денот не беше најавен дека ќе стартува. Но пет минути пред почетокот на натпреварот се повреди Арслан, па тренерот Ерсун Јанал мораше да го стави македонскиот репрезентативец во игра. А тој одигра извонредно. Деби за Фенер во Европа имаше и новиот играч Виктор Мосес кој неодамна дојде од Челси.
Тимот од Санкт Петербург тргнаа со новите играчи Ракицки и Бариос, а третиот новак, Иранецот Сердар Азмун остана на клупата (влезе во 74 минута).

Во 21 минута Валбуена изведе корнер, топката падна некаде на средината на шеснаесетникот, а таму Слимани со силен шут ја испрати во голот. Потоа во период од три минути Елмас двапати се обиде да го совлада Лунен, но голманот на рускиот тим двапати одбрани.

Во 43 минута капитенот Топал направи глупав прекршок врз Дриуси, а судијата покажа пенал. Роберт Мак го изведе ударот од 11 метри но голманот Текин одбрани.
Во 57 минута Елиф имаше и трет обид но неговиот удар од далечина заврши во рацете на рускиот чувар на мрежата. Нашиот интернационалец излезе од игра во 72. минута остапувајќи му го местото на офанзивниот Андре Ајев, со тоа што Фенер во преостанатите минути играше со двајца напаѓачи но тоа не донесе промена на резултатот. Остана 1:0 за Фенер, а реваншот се игра на 21 февруари на „Крестовски" во Санкт Петербург.

Инаку Фенер го одигра 229. натпревар во Европа, а стигна до 84. победа.

 

Најново во Меѓународен Фудбал