„НАРЦИС ИЛИ НЕ", СЕПАК...

ЛОВРЕН: Признајте дека сум еден од најдобрите стопери на светот!

„Луѓето сакаат да зборуваат глупости" - порача дефанзивецот на Хрватска и на Ливерпул...

објавено: 12 јули 2018 - 16:00

Каков период во кариерата на Дејан Ловрен!

Имаше тука и киксови, многу лоши потези. Но стоперот на Ливерпул и на селекцијата на Хрватска, стигна, и ќе заигра во финалето на Светското првенство во Русија.
Претходно, со „црвените" беше дел и од финалниот меч на Лигата на шампионите.
Се во рок од само нешто повеќе од месец дена.
Некогашниот играч на загрепски Динамо зад себе има навистина сјаен турнир. Многумина сметаа дека е спремен да направи уште некоја грешка во некоја од елиминациските средби пред се, но во двоец со Домагој Вида, делува скоро беспрекорно.

„Слушнав дека луѓето зборуваат како сум имал тешка сезона. Но јас не се сложувам со тоа. Со Ливерпул се пласирав во финалето на Лигата на шампионите, сега сум во финалето на Мундијалот. Луѓето би морале да признаат дека сум едeн од најдобрите стопери на светот. А не само да зборуваат глупости" - рече хрватскиот дефанзивец.

Реално, Ловрен го игра ова првенство над сопствените можности, впрочем како и целата хрватска репрезентација.

„Ова е нешто што никогаш нема да го заборавиме. Луѓето во нашата земја плачат од среќа. Направивме историски резултат, никогаш нема да бидеме заборавени. Беше многу тешко на полувремето. Меѓутоа, во вториот дел ја земавме топката и едноставно бевме подобри"- додаде Ловрен.

Најново во Меѓународен Фудбал