ПО 22 ГОДИНИ ПОМИНАТИ КАЈ „ТОПЧИИТЕ“

Венгер одбра кој му е најдраг меч во Арсенал

Францускиот стратег на повеќе од 200 средби го водеше тимот на европската сцена, но еден посебно ќе му остане во сеќавање

објавено: 26 април 2018 - 09:30

Арсенал вечерва на свој терен ќе го пречека Атлетико Мадрид, во првиот меч од полуфиналето во Лигата на Европа. Овој дуел се нарекува како финале пред финалето, бидејќи тоа се двата тима кои уште од претходно важеа за големи фаворити. 

Посебен мотив за победа на оваа средба ќе има тренерот на Арсенал, Арсен Венгер. Менаџерот кој 22 години е на чело на „топчиите“, за последен пат ќе ја води екипата на домашен терен, на европска сцена. Францускиот стратег сака со трофеј да ја заврши кариерата во Арсенал, а за тоа секако дека му е потребен поволен резултат на свој терен, пред реваншот кој е следната недела во Мадрид. 

На повеќе од 200 мечеви Венгер го предводел Арсенал во европските купови. Иако има многу возбудливи дуели, многу разочарувања и успеси, Арсен вели дека еден меч ќе му остане посебно врежан во меговата меморија. 

Тоа е дуелот од полуфиналето од Лигата на шампионите против Реал и тоа во Мадрид. Тоа беше во 2006 година, кога „топчиите“ гостуваа на првата средба. Реал беше фаворит на „Сантијаго Бернабеу“, но Арсенал одигра одлично и на крајот, со голот на Тјери Анри победи со 1:0. 

„Го водев тимот во Европа на повеќе од 200 меча. Многу е тешко да се одбере една средба.Можеби тоа е онаа кога го исфрливме Реал Мадрид кој во своите редови ги имаше Роналдо, Зидан, Бекам Фиго“, се присети Венгер.

Откако Арсенал победи во Мадрид, на реваншот во Лондон успеа да одигра без голови и на тој начин да си обезбеди место во финалето од Лигата на шампионите. За жал, во борбата за големито трофеј, „топчиите“ беа поразени од Барселона со 2:1.

Вечерва Венгер повторно против себе има противник од Мадрид, само не е Реал туку Атлетико и тоа во Лигата на Европа. Францускиот стратег се надева дека историјата ќе биде иста како од 2006 година и на крајот неговиот тим ќе игра во финалето и ќе се бори за трофејот, а мадриѓани ќе си останат дома.

Најново во Меѓународен Фудбал