ДАЛИ СЕРИОЗНО ГО МИСЛИ ТОА ШТО ГО ЗБОРУВА?

Вентура: Италија со мене има најдобри резултати во последните 40 години

Стратегот кој не успеа да ги однесе „аѕурите“ на Мундијалот во Русија, не ни помислува да поднесе оставка, но сепак може да биде отпуштен

објавено: 15 ноември 2017 - 09:10

Италијанскиот фудбал доживеа дебакл, откако за прв пат по 60 години не успеа да се пласира на завршница на Светско првенство. „Аѕурите“ во баражот против Шведска, во два меча не успеаа да дадат ниту еден гол и беа елиминирани. 

И покрај неуспехот, селекторот Џампјетро Вентура не ни помислува да даде оставка. Тој дури се фали дека е најдобар тренер кој ја водел репрезентацијата во последните четири децении. 

„Светско првенство без Италија нема да биде толку привлечно, но сепак тоа е реалноста. Што можам да направам? Побарав сите Италијанци да ми простат за неуспехот во баражот со Шведска, но под мое водство, Италија ги има најдобрите резултати во последните 40 години. загубивме само на два меча“, вели Вентура. 

И во оваа изјава што ја даде, 69-годишниот стратег направи грешка. Со него на чело, Италија има три порази и тоа во само 17 натпревари. 

Се очекува денеска, фудбалската федерација на Италија да реши дали ќе му даде отказ на тренерот кој не успеа да ја одведе репрезентацијата на Мундијалот во Русија. 

Најново во Меѓународен Фудбал