ГОЛМАНКАТА ЕКСКЛУЗИВНО ЗА „СПОРТМЕДИА“

Амра Илјаз: Пред нас е долга сезона, ЖРК Металург само максимално до двојна круна!

Професионалната ракометарка на Металург ги сподели очекувањата во пресрет на новата натпреварувачка сезона 2018/19.

објавено: 7 август 2018 - 20:45

И минатата сезона тимот од Автокоманда мораше да се задоволи само со второто место во конечниот пласман во шампионатот зад ЖРК Вардар кој во понатамошниот период ќе продолжи без најдобрите кои го носеа клубот до финалето во Лигата на шампионите изминатите години.

Од претходно е донесена одлука дека Вардарки ќе настапат со млади македонски ракометарки, па се поставува прашањето сега дали трката за титулата ќе стане многу поинтересна во македонската женска Суперлига.

Во последните шест сезони по ред доминираа Вардарки, пред нив претходно три титули во низа имаше ЖРК Металург, единствени досега во клупската историја, а на врвот е Кометал Ѓорче Петров (17).

Амра Илјаз, голманката на ЖРК Металург, ексклузивно говореше за „Спортмедиа", за досегашните нејзини настапи, околу амбициите на клубот во наредната сезона, колкави се сега шансите за повторно „сино-белите" по подолго време да се закинат со шампионската титула.

„Задоволна сум од настапите во Металург. Секако, не можам да кажам лош збор за клуб во кој што израснав и ги постигнав овие успеси до сега. Нормално сум задоволна од мојата минутажа која што ја добивам од мојот тренер и се надевам дека во иднина на што подобри резултати".

Кога станува збор за новата натпреварувачка сезона 2018/19, таа заедно со нејзините тимски колешки секогаш гледаат на што подобри резултати:

„Сега го нема европскиот шампион ЖРК Вардар на кој што потешко можеше да му се парира минатата сезона. Сега сме екипи во кои што нема многу голема разлика во возраста и може да се направи добар резултат".

Како што ни најави ракометарката на Металург, во среда започнува клубот со подготовките ова лето:

„Во новата сезона не очекува многу работа, ако сакаме да ја освоиме двојната круна. Нашиот клуб секогаш има цел за што подобри успеси и резултати, така што не чека долга сезона со многу голем број натпревари во кои ќе треба да го дадеме максимумот за да стигнеме до двојната круна. Секако првиот натпревар е многу значаен за нас како млади играчи, бидејќи имаме шанса да го покажеме она што го знаеме на натпреварите од меѓународната европска сцена и ќе се потрудиме да работиме максимално за да можеме да му парираме на противникот. Воедно и да одговориме позитивно на задачата која што ќе ни биде дадена од стручниот штаб".

Да додадеме уште дека Металург ќе настапи во првото коло од Купот на ЕХФ, а противник ќе биде францускиот состав на Иси Париз. Одлучено е двете средби да се одиграат во Скопје на 8 и на 9 септември 2018 год.

Најново во Ракомет