МАКЕДОНСКАТА РАКОМЕТАРКА ЕКСКЛУЗИВНО ЗА „СПОРТМЕДИА“

Белеска: Со Анкара целта е двојна круна и што подалеку во европскиот Челинџ куп!

Андреа Белеска, македонската репрезентативка како што и беше објавено ја продолжува кариерата во редовите на турскиот женски ракометен клуб Анкара Јенимаале.

објавено: 18 август 2018 - 11:30

Нашиот бек претходно настапуваше за романските екипи на Рамницу Влчеа и Данубиус Галаци, а ги бранеше и боите на ЖРК Металург.

Ексклузивно за „Спортмедиа" говореше македонската ракометарка, Андреа Белеска.

Таа прво започна со периодот од повредата на рамото која за жал смени многу работи во нејзината професионална кариера.

„Долга рехабилитација, промена на клуб за време на сезона, одново и одново адаптација на промените кои ми се случуваа после тој период. Па дури и тотална игнорантност од страна на некои спортски „експерти" после моето враќање на терен доведе до момент да се запрашам дали ќе можам повторно да се вратам на старите патеки, а потоа да досозревам како играч".

Дефинитивно треба да се води грижа за спортистите и да се обрне внимание на човек во тешките моменти кога е најпотребно, и во право е нашата ракометарка кога вели дека поддршката и спортската среќа се индиректен, ама битен фактор.

„Анкара Јенимаале е клуб кој ја следел мојата кариера и веќе беа запознаени со моите квалитети. Добив одново шанса да покажам и докажам дека можам, како себеси, така и на клубот кој инаку има богата спортска традиција во турскиот ракомет. Ќе настапуваме во Челинџ купот каде секако целта ни е да стигнеме што подалеку, освојување на турското првенство и купот.

Верувате ли дека овој нов предизвик ќе придонесе уште повеќе во вашиот развој како професионална ракометарка и секако заедно со тимските колешки колективно во самата ракометна игра?

„Верувам и се надевам дека оваа година ќе биде успешна, како за клубот, така и за мене како индивидуалец, бидејќи има простор, услови и квалитетни натпревари за да се постигнат целите".

Најново во Ракомет