НА ДУЕЛОТ ПРОТИВ РАЈН НЕКАР, НА ИСПИТ ЌЕ БИДАТ И НАВИВАЧИТЕ

Да покажеме дека Вардар ја има најдобрата публика во Европа

„Црвено-црните“ вечерва во „Јане Сандански“ го прочекуваат германскиот првак, во дуелот на двата единствени непоразени екипи во Лигата на шампионите

објавено: 18 ноември 2017 - 09:00

Актуелниот македонски, регионален и европски првак Вардар, вечерва го има еден од најтешките испити во досегашниот дел од сезоната. На гости доаѓа германскиот првак Рајн Некар. Ова ќе биде меч на единствените два непоразени екипи сезонава во Лигата на шампионите. 

Вардар има само едно реми во досегашните седум меча, додека Германците се со биланс од 4 победи и три нерешени. „Црвено-црните“ веќе покажаа дека не се плашат од никого и дека секој може да победат, откако неодамна и одржаа лекција на најтрофејната Барселона, која падна на колена во Скопје. 

Еден од најзначајните елементи вечерва ќе биде и публиката. Вардаровите навивачи досега покажаа дека знаат да бидат осми играч на своите миленици. Токму тоа ќе треба да го потврдат и вечерва. По победата над Барселона, гостите токму публиката ја посочија како еден од главните фактори за победата на Вардар и посакаа да имаат и тие такви навивачи.

Билетите за дуелот против Рајн Некар се продадени веќе од пред неколку дена. Само најсреќните ќе имаат можност да бидат дел од „вулканот“ кој треба да експлодира на мечот против германскиот првак. 

Синоќа, девојките на Вардар со победа против Турингер ја потврдија перфектната игра во групната фаза, завршувајќи со шест победи во шест меча. Вардарки имаа одлична поддршка од трибините, а тоа го потенцираше и Драгана Цвијиќ. 

Навивачите на Вардар, многу пати досега покажаа дека се најдобри во Европа. Вечерва тоа треба да го потврдат уште еднаш, а по завршување на мечот, да се радуваат на нов триумф на најдобриот тим во Европа, а тоа е скопски Вардар. 

Најново во Ракомет