НОВИОТ РАКОМЕТЕН ХИТ ЈА „БИЛДА“ ЕКИПАТА

Братот на Марсениќ, капитенот на Партизан и двајца Македонци потпишуваат за Работнички

Новиот хит во македонскиот ракомет, екипата на Работнички, продолжува да го гради својот нов тим со уште четири засилувања.

објавено: 6 јули 2015 - 16:21

Дел од новиот проект ќе станат двајца македонски ракометари и двајца млади српски играчи. Станува збор за поранешните репрезентативци Милан Левов и Мите Стоилов. Првиот имаше долга пауза во кариерата поради повреда, а кога конечно се врати во ритам, пролетната полусезона ја помина во екипата на Охрид. Ако успее да ја врати репрезентативната форма, леворакиот Левов, кој има 28 години, ќе биде големо засилување за Работнички и на позиција десно крило и на десен бек.

Мите Стоилов е поискусен, има 32 години, меѓутоа во последниве неколку сезони игра исклучуво во одбрана, главно поради зачестените повреди. По седум сезони во Металург и една во Вардар, последнава ја мина во Одорхеи, со кој го освои Челинџ купот.

Покрај двајцата поранешни репрезентативци доаѓаат двајца млади српски ракометари. Едниот е капитенот на РК Партизан, 22-годишниот Вања Илиќ, кој настапува на левата крилна позиција и веќе помина сите младински репрезентации на Србија.

Покрај него доаѓа братот на новиот пивот на Вардар, Мијајло Марсениќ, Вања Марсениќ, кој има само 20 години. Тој има улога на организатор на играта, како среден бек и досега настапуваше во Смедерево, во првата српска лига.

Покрај овие четири конкретни засилувања, Работнички планира да го поткова својот тим и со неколку младински репрезентативци и млади македонски потенцијали, со кои би вложиле во својата иднина на подолг рок. Сето ова е само „гарнир“ на главната цел на екипата, да состави екипа со европски квалитет, во која ќе играат Дарко Станиќ, Ренато Вугринец, Наумче Мојсовски, браќата Маркоски...

Работнички влезе во Супер лигата минатиот август по пауза од две децении, не успеа да се пласира во плејоф-фазата, но избори опстанок за втора година едноподруго во елитата.

Најново во Ракомет