ИСКУСНИОТ ГОЛМАН ОД СЛЕДНАТА СЕЗОНА СО НОВА УЛОГА

„Диви“ ќе ги тренира вардаровите голмани

Петар Ангелов на истекот на оваа сезона ќе стави крај на играчката кариера и најверојатно ќе „заплови“ во тренерските води. Популарниот „Диви“ ќе биде дел од стручниот штаб на Вардар. 

објавено: 17 мај 2017 - 12:25

Се поизвесно е дека Петар Ангелов по завршување на оваа сезона ќе стави крај на играчката кариера. Добра вест е што тој  нема да се повлече од терените. Искусниот голман, како што открива „Македонски спорт“ ќе „заплови“ во тренерските води и тоа како дел од стручниот штаб на Вардар.

Популарниот „Диви“ кој наполни 40 години, интензивно посетува семинари за тренери во организација на РФМ. 

„Дополнителна поткрепа на ваквата информација е дека и на актуелниот тренер на голманите на Вардар, Горан Симиќ, договорот со македонскиот првак му истекува на крајот од оваа сезона. Со тоа се отвора простор за Ангелов да добие една поинаква улога меѓу официјалните лица на клупата“, пишува „Македонски спорт“.

Ангелов оваа сезона ретко го гледавме на голот на македонскиот шампион во Лигата на шампионите, а додека во СЕХА-лигата има одиграно само 13 натпревари, што пак доволно говори дека по повлекувањето од репрезентацијата, тој ќе стави крај на играчката кариера и своето искуство ќе го пренесе на вардаровите голмани.

 

 

 

Најново во Ракомет