МАРСЕНИЌ НЕМА ДА БИДЕ НАЈВИСОК ВО ТИМОТ

Џиновски пивот од Кил го засилува Вардар!

Од следната сезона Вардар ќе биде посилен за бразилскиот пивот Рожерио Мораес Фереира, кој досега играше во дресот на Кил.

објавено: 19 март 2016 - 12:06

Бразилецот Мораес Фереира има 22 години и треба да биде замена за Алем Тоскиќ на пивотменската позиција во следните три сезони во Вардар. Ќе му го одземе приматот на Мијајло Марсениќ како највисок во тимот со 202 сантиметри, зашто самиот има 204, a игра во и во напад и во одбрана.

Тоа никогаш не е гаранција за квалитет, но за неговите способности треба да гарантира ангажманот во Кил, на почетокот на минатата сезона. Беше донесен како трета опција, по Винчек и Тофт Хансен, а потоа пријавен и во третолигашот Алтенхолц за позајмица.

Сепак, со повредата на Патрик Винчек остана во Кил и доби шанса на неколку натпревари, 13 во Бундеслигата, на кои постигна еден гол и 12 во Лигата на шампионите, на кои четири пати ја затресе противничката мрежа. На почетокт на пролетната полусезона Кил го донесе Хрватот Илија Брозовиќ, па Мораес си побара нова средина.

Тој е младински репрезентативец на Бразил и допрва треба да се докажува, така што Вардар и Лигата на шампионите ќе му бидат одлична платформа за тоа. Прашање е колку ќе успее да ги „пополни патиките“ на Алем Тоскиќ, кој во јуни си заминува и од следната сезона ќе биде нов играч на Горење. 

Како негова замена се споменуваа Хулен Агинагалде од Кјелце и Блаж Благотиншек од Целје, сепак управата на тимот се реши за неискусен, но талентиран играч.

Најново во Ракомет