ДЕФИНИРАН ИЗГЛЕДОТ НА МАШКАТА СУПЕР ЛИГА ЗА СЛЕДНАТА СЕЗОНА

ФЕШТА ВО „МЛАДОСТ“: Пелистер и Еурофарм Работник ја отвараат сезоната

На конферецијата на машки суперлигашки клубови беа прецизирани деталите за следната сезона. Стандардно Вардар и Металург се приклучуваат дури во плеј-офот, додека сезоната стартува со битолско дерби.

објавено: 22 јуни 2018 - 11:54

Машката Супер лига ќе има ист изглед како и претходната сезона, односно со ист број на клубови, освежени со повратникот Струга и дебитантот Бутел, како и Вардар и Металург, кој ќе се приклучат во „плеј-офот“.

Возбудувањата во Супер лигата ќе стартуваат со битолско дерби, со оглед на тоа дека Пелистер и Еурофарм Работник ќе се соочат на отворањето на сезоната. Останатите двојки на стартот се Бутел - Прилеп, Борец - Струга, Вардар Јуниор - Радовиш и Пролет - Охрид.

За да не се повтори ситуацијата комплетната Супер лига да „виси“ поради откажување на некој тим во последен момент, како што беше ситуацијата со Младост претходната сезона, комесарот за натпреварување Камел Металари предложи воведување на правило, клубот кој ќе се откаже од учество во Супер лигата да биде санкциониран со три години забрана за натпреварување, а доколку сака да се врати во системот на натпреварување потребно е да плати сума од 60.000 денари за развој на младински ракомет и стартува од најнизок ранк на натпреварување.

Предлогот за промена на пропозиции ќе биде доставен до Управниот одбор на РФМ, кој треба да го верификува.

Сезоната ќе стартува една недела по дамите, 15/16 септември, а првиот дел би требало да заврши на средината на декември (15/16 декември), со една пауза во периодот од 21 - 28 октомври кога има недела на ЕХФ, односно обврски на машкиот сениорски национален тим.

Најново во Ракомет