РФМ ГО ПРОМЕНИ ЦЕНОВНИКОТ

Кој сака странци во својот клуб ќе треба да го одврзе ќесето!

Во насока на заштита на домашните играчи, управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) донесе одлука за зголемување на цената за лиценца за странски играчи и тренери.

објавено: 22 август 2015 - 15:40

Секоја екипа што ќе сака да регистрира странски играч ќе треба да плати 50 проценти повеќе за лиценца отколку за домашен играч. 

Конкретно, за да се лиценцира играч досега клубовите требаше да одвојат 1.000 евра, без разлика од каде тој доаѓа. Со новата одлука, која стапува во сила веднаш, за претстојната сезона клубовите ќе треба да платат 1.500 евра за да добијат лиценца за странски играч. За домашните си останува истата цена.

Зголемена е и цената за тренери. Досега во Суперлигата, регистрација на тренер чинеше 3.000 денари без разлика на потеклото. Од септември, клубот ќе треба да плати 500 евра ако сака да биде воден од странски тренер во најсилната македонска лига.

Сите овие одлуки се во насока на заштита на домашните тренери и играчи. Таква е и мерката за намалување на бројот на странски ракометари, која беше изгласана мината година, а ќе стапи во сила од оваа сезона.

Од 2015/16 клубовите не смеат да имаат повеќе од 12 странци во својата екипа на еден меч. Таа бројка постапно ќе се намалува за во 2020 да достигне однос од 8 странци и 8 домашни задолжителни играчи во екипата со 16 ракометари.

Најново во Ракомет