БИТОЛЧАНИ СЕ ЗАСИЛИЈА СО ПОРАНЕШНИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ

Кузманоски до крајот на сезоната во Еурофарм Работник

Поранешниот македонски репрезентативец, Горан Кузманоски ќе го носи дресот на Еурофарм Работник до крајот на оваа сезона. 

објавено: 27 февруари 2018 - 12:43

Горан Кузманоски по долго време се враќа во Македонија. Поранешниот македонски репрезентативец и официјално се договори со тимот на Еурофарм Работник, каде ќе остане до крајот на оваа сезона. 

Кузманоски кој го носеше дресот на Одорхеи, кој пак поради финансиски причини се распадна, ќе биде големо засилување за битолскиот тим, особено ако се земе во предвид дека поради повреда на менискусот Еурофарм Работник остана без услугите на Горан Крстевски. 

Популарниот „Таста“ веќе има соработувано со стратегот Илија Темелковски во времето кога настапуваше за Пролет, но и за младинската репрезентација на ЕП 2004 во Полска, кога токму под водство на Темелковски го освои четвртото место.

Плејмејкерот кариерата ја започна во Тутунски Комбинат Бренд, беше дел од екипите на Вардар, Металург и Пролет, а потоа замина за странство. Го носеше дресот на Мадеира, шведски Трелеборг, а пред да дојде во Еурофарм Работник речиси седум години настапуваше во романскиот тим, во дресот на Одорхеи, каде беше вистински лидер и најдобар играч.

 

Најново во Ракомет