ПОРАНЕШНИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ ЌЕ ГИ ЗАСИЛИ БИТОЛЧАНИ

Левов тренира со Пелистер, се чека само потпис!

На една недела до почетокот на новата сезона, Пелистер ќе прави последни корекции во тимот и тоа со поранешниот репрезентативец на Македонија, Милан Левов.

објавено: 11 септември 2015 - 19:02

Леворакиот ракометар веќе три дена е на проба во Битола и тренира со екипата на Пелистер. Сѐ уште не е официјален ракометар на зелено-белите, меѓутоа во следните денови би требало да се дефинира неговиот статус, најверојатно со потпис.

Причината е тоа што Пелистер во последен момент остана без Марио Граб, интернационалецот на БиХ, кој требаше да биде засилување на десната бековска позиција. Меѓутоа, по едномесечна работа со клубот Граб не бил на потребното ниво и затоа битолчани ќе се обидат да го ангажираат Левов.

Ако успее да се крене на својот капацитет, нема збор дека Левов е далеку подобро решение од Босанецот, меѓутоа тој доаѓа по макотрпен период во неговата кариера, речиси двегодишна пауза поради повреда. Паузира уште од 2013 година, кога играше во Металург, а се врати на терените минатава полусезона, во дресот на РК Охрид.

Левов е играч кој може да игра и бековската и на крилната позиција во десната страна од нападот, а својот квалитет во минатото го докажа со настапите во Лигата на шампионите и за Вардар и особено за Металург, како и со тоа што се наметна кај селекторот Ѕвонко Шундовски за Светското првентво во Шпанија, во 2013 година.

Фото: rkmetalurg.mk

Најново во Ракомет