РОКОТ ИСТЕКУВА УТРЕ, ЗАСЕГА НЕМА ПРОМЕНИ

Металург го чека црно сценарио, ракометарите не се шегуваат

„Спортмедиа" дознава дека ракометарите и натаму стојат цврсто на своите најави. Доколку на нивната сметка не видат промени, повеќе нема да одат на тренинзи, ниту пак ќе го облечат дресот на Металург за дуелите кои следат.

објавено: 6 февруари 2018 - 13:26

Затишје пред бура во Автокоманда. Ултиматумот кој капитенот на Металург, Филип Кузмановски им го даде на челниците на клубот завршува утревечер. Македонскиот репрезентативец во име на своите соиграчи по мечот со Војводина за првпат јавно проговори за финансиските проблеми во кои Металург веќе долго време се „дави“, а за кои сите молчеа, сè до неделата. 

Првите луѓе на тимот од Автокоманда имаат рок до утре да ги подмират долговите кон играчите, кои до денеска имаат добиено само една плата, а како што велат самите на теренот гинат и се однесуваат како вистински професионалци.

„Покажавме терен дека на прво место ни е ракометот, а после финансиските проблеми, кои ги имаме долго време. Јас како капитен на тимот кажав во соблекувална, секој што ќе излезе на терен, треба да даде максимум, и да игра за клубот. Ние ги имаме најмладите играчи во СЕХА лига. Ќе дадеме сè од себе. Мислам дека ситуацијата не може да продолжи вака до недоглед, со неисполнети финансиски барања. Нашата управа мора да среди сè, не е коректно од нивна страна. Давам рок до среда, барем за себе, па понатаму нека одлучи газдата", изјави Кузмановски на прес-конференцијата. 

„Спортмедиа“ дознава дека ракометарите и натаму стојат цврсто на своите најави. Доколку на нивната сметка не видат промени, повеќе нема да одат на тренинзи, ниту пак ќе го облечат дресот на Металург за дуелите кои следат.

Оваа ситуација најмногу може да ја искористат екипи кои во изминатиот период се обидуваа во своите редови да доведат дел од играчите на македонскиот тим. Тука на прво место е Филип Кузмановски. Повеќе не е тајна дека репрезентативецот е договорен со Магдебург, но токму неговата обврска кон Металург до 2019 година е пречка за неговиот трансфер во бундеслигашот. Лошата ситуација во таборот на тимот од Автокоманда сега ги менува работите, тој може без обештетување да ја промени средината.

Каква ќе биде судбината на Металург, останува да биде познато утревечер. Дали еден од најголемите расадници на таленти ќе стави клуч, останува последниот збор да го каже Минчо Јорданов. 

Најново во Ракомет