ТРЕНДАФИЛОВ НОВ ТРЕНЕР, ДОЈДОА ЛЕВОВ, МАЈИЌ, ЧИЗМОВИЌ...

„Нека пукнат душманите, Макс Струмица ќе се врати уште посилна!“ (ФОТО)

Ракометниот вицепрвак на Македонија, екипата на Макс Струмица покажува конкретни знаци на финансиско и кадровско заздравување враќајќи го Ванчо Трендафилов како тренер на екипата, но и неколку од ракометарите кои есеноска си заминаа. Има дури и нови засилувања.

објавено: 28 јануари 2016 - 20:17

Веќе седум дена траат подготовките на Макс Струмица за продолжување на сезоната, ама овој пат различно од есенската половина. Нов тренер на екипата е Ванчо Трендафилов, некогашниот тренер и човекот кој му беше помошник на доскорашниот,  Марјан Андонов. Покрај него клупата е освежена со нови имиња, со неколку ракометари кои привремено си заминаа, а допрва се преговара и за уште посилен состав. Дека атмосферата во Струмица е драстично поправена по црната серија порази покажаа самите играчи, објавувајќи на Фејсбук екипно селфи од еден тренинг, со коментар „нека пукнат душманите, ќе се вратиме уште посилни“.

„Точно е, во нашиот тим ги вративме крилото Мирко Мајиќ, пивотот Стефан Чизмовиќ, останаа Везенковски, Соколов, а нови играчи се поранешниот репрезентативец на Македонија Милан Левов и голманот од Охрид, Крсте Костески. Веќе седум дена тренираме двапати дневно и работиме максимално сериозно. Во преговори сме со пивотот Васјук и со голманот на Металург, Вуковиќ“, изјави Трендафилов, а потоа ја спомна ситоацијата со Игор Милосављевиќ, десниот бек кого сите го  прогласивме за нов играч на Пелистер.

„Иако не е со нас во моментов, Милосављевиќ сѐ уште е наш играч, има важечки договор со Струмица, така што можно е и тој да се врати“, додаде Трендафилов.

Андриј Васјук е 37-годишен пивот, кој пред осум години си замина од Вардар про, по две одиграни сезони. За Милош Вуковиќ, беше познато дека ќе си замине од Металург, откако летото дојде од Спартак војпут, само беше прашање чиј гол ќе го брани.

Макс Струмица веќе во вторник ќе почне со натпреварувачки ритам, на гостувањето кај Мешков Брест како еден од четирите преостанати меча во СЕХА-лигата. Двапати ќе играат со Веспрем, а на 12 март ќе го пречекаат Нексе за крај. Сепак, фокусот сега е домашното првенство и место во Европа.

„Прво и прво со ова покажуваме дека новата управа има капацитети да ги надмине проблемите со кои се соочуваше клубот, пред сѐ на финансиски план, а сега останува да се подготвиме максимално сериозно и да одиграме добро првенство. Во СЕХА ни остануваат четири натпревари со посилни противници во кои објективно не можеме да се надеваме на некој резултат, единствено против Нексе во Струмица ќе се обидеме со победа да се простиме од натпреварувањето. Целта е трето место во македонското првенство, ама тоа не значи дека ќе им излеземе со бело знаме и на Вардар и на Металург“, потенцира Трендафилов.

Макс Струмица не успеа да победи ниту еднаш на 14 меча во СЕХА-лигата во есенската половина од сезоната, а двапати загуби убедливо и во натпреварите во ЕХФ-купот, против исландски Хаукар. На крајот од 2015 година настанаа промени во раководството и сега нов претседател на екипата е Сашо Брндевски. Си заминаа голем број од играчите, како Пецаковски, Чантурија, Младеновски, Куленовиќ, Трајковски, но со враќањето на дел од нив Макс Струмица покажува дека успешно се бори за својата егзистенција.

Владко Арсов

Најново во Ракомет