„Црвено-црните“ се втори финалисти

Полуфинална дерби драма со среќен крај за Вардар

Првакот во еден интересен меч успеа да го победи Металург со 31:30 и со тоа да се пласира во финалето, каде што утре од 16:30 часот за опонент ќе го има Еурофарм Работник

објавено: 20 мај 2017 - 22:02

Ракометарите на Вардар, очекувано се пласираа во финалето од Купот на Македонија, но, патот до таму беше неочекувано тежок. Во полуфиналето од фајнл-фор купот кој се игра во салата „Младост" во Битола, владетелот во нашиот ракомет со 31:30 го совлада Металург.

Тимот од Автокоманда беше одличен ривал, но, едноставно на крајот немаа сили за сензација. Можеби сè ќе беше поинау доколку во завршницата го имаа Немања Обрадовиќ. Еден од најдобрите играчи на тимот од Автокоманда доби црвен картон во првиот дел по една бурна реакција кон записничката маса. Иако во тие мигови Вардар беше најчесто тој што е во подобра позиција, „металурзите" успеаја да се издигнат над проблемите и да поведат.

Вардар на полувремето имаше предност од 17:14, но, во вториот дел, Кузмановски во 36. минута го донесе првото водство на Металург од 21:20, додека, пак, Пешевски донесе и плус два (23:21). Сепак, Вардар се консолидира од шокот и успеа да се врати во резултатска неизвесност, која траеше до самиот крај.
Во завршницата, одлучувачки фактор се покажаа одбраните на Милиќ и Штербик и тоа од удари од седум метри.

Шампионот пред почетокот на последната минута, дојде и до предност од два гола, откако Дибиров беше сигурен реализатор на седмерецот. Петров го врати во „живот" Металург со погодокот за 30:31. Сепак, најдобриот наш ракометен колектив, искусно до крајот на мечот ја задржа топката и не дозволи изненадување.

Дибиров, Шишкарев и Борозан со по осум погодоци беа најефикасни на мечот, додека, пак, Илиќ даде пет кај Металург.

Утрешното финале меѓу Вардар и Еурофарм Работник е со почеток од 16:30 часот.

Најново во Ракомет