Суперлигашот договори останување на двајца членови

Пролет ги „продолжи“ Кимевски и Андоновски

„За разлика од оваа, во наредната сезона нашата цел ќе биде влез во плејофот и ако е можно, обезбедување настап на едно од европските натпреварувања" изјави Огњеновски

објавено: 18 мај 2017 - 16:10

По обезбедениот опстанок во Суперлигата, Тинекс Пролет веќе започна да се фокусира кон наредната, каде што нивната цел ќе биде пласманот во плеј-офот. Како прв чекор за правење на стабилен тим, скопскиот колектив се одлучи да ги продолжи договорите со Стефан Кимевски и Ласко Андоновски на уште две сезони.

Одличниот голман, како и бекот кој редовно се наоѓа на поширкиот репрезентативен список не го менуваат клубот, барем ова лето.

„Ги обновивме договорите со двајцата наши потенцијални репрезентативци на уште две сезони. За разлика од оваа, во наредната сезона нашата цел ќе биде влез во плејофот и ако е можно, обезбедување настап на едно од европските натпреварувања. За таа цел, ќе настојуваме да се засилиме со уште тројца ракометари во летниот период", изјави Сашо Огњеновски, еден од раководните луѓе на РК Пролет.

Пролет во наредната сезона влегува со далеку поголеми амбиции каде што крајната цел според нив ќе биде излез во некое од европските натпреварувања.

Најново во Ракомет