МЕТАЛУРГ СО РЕЧИСИ ИСТ СОСТАВ, НО И СО ЛШ АМБИЦИИ

Само Пешевски си заминува, Магдебург ќе почека на Кузмановски, останува во Автокоманда

Филип Кузмановски и Магдебург е приказна која најверојатно ќе почне една година подоцна. Македонскиот репрезентативец ќе го предводи Металург и во следната сезона. 

објавено: 30 мај 2018 - 13:31

И покрај најавите и соопштенијата, Металург сепак ќе аплицира во Лигата на шампионите за следната сезона. Тимот од Автокоманда одлучи да ги стави настрана проблемите кои ги имаше со ЕХФ и да биде вториот македонски претставник во елитното натпреварување (доколку добие позитивен одговор), по Вардар, кој како шампион обезбеди директен пласман.

„И следната сезона Металург има желба и амбиција да биде дел од најсилното европско клупско натрпеварување, Лигата на шампионите. Денеска ни завршуваат обврските во домашното првенство, а во текот на идната недела преку канцеларијата на РФМ ќе ја испратиме нашата апликација до ЕХФ. Се надеваме дека со нашата игра, нашиот квалитет и со создавачкиот концепт ќе ги задоволиме критериумите на ЕХФ и повторно ќе бидеме дел од ракометната елита", вели Зоран Цветановски, претседателот на Металург за официјалната страница на клубот.

Покрај настапот во ЛШ, амбициите на челниците на Металург е да го задржат овој состав. Засега само Жарко Пешевски ќе си замине од тимот, тој од следната сезона ќе го носи дресот на Мотор Запорожје. Пикерот денеска (19:30 часот) против Вардар ќе го одигра последниот меч во дресот на вицепрвакот.

Во центарот на вниманието е Филип Кузмановски. Се поизвесно е дека македонскиот репрезентативец ќе остане во Скопје. Ставот на клубот засега е јасен - тој има договор со Металург до 2019 година и истиот ќе мора да го испочитува. Ова значи дека трансферот во Магдебург ќе почека, иако имаше најави дека од ова лето ќе се пресели во германскиот тим.

Што се однесува до останатите заслувања, во Металург ќе продолжи традицијата - со млади играчи во ЛШ и во СЕХА-лига. Спектакуларни имиња нема да има.

 

 

 

Најново во Ракомет