НА ПОСЛЕДНИОТ МЕЧ ПРЕД Ф4 ВО БУДИМПЕШТА

СЕ ЧУВАА ОД ПОВРЕДИ: ЖРК Вардар со девет ракометарки славеше во сестринскиот дуел

Крилата Ристовска и Саздовска со по 11 погодоци, како и Керамичиева со 10 беа најрасположени во последната домашна обврска со Вардар Јуниор пред завршницата на Лигата на шампионите

објавено: 8 мај 2018 - 13:55

Со девет ракометарки во составот ЖРК Вардар без проблем ја заврши последната домашна обврска, сестринскиот дуел со Вардар Јуниор пред настапот на Ф4 во Будимпешта во Лигата на шампионите.
Крилата Ристовска и Саздовска со по 11 погодоци, како и Керамичиева со 10 беа најрасположени и постигнаа повеќе од половина голови во убедливата победа од 50:29 (23:13) над јуниорките.

Сфатливо, главните носители на играта во најсилното европско клупско натпреварување мечот го проследија од трибините, со оглед на тоа дека Ирина Дибирова немаше никаква потреба да ризикува во пресрет на главните битки – оние за европската титула.

На вардарки им остануваат да одработат уште три тренинзи во својата база, пред в четврток попладне да отпатуваат за Будимпешта, каде в сабота во второто полуфинале на Ф4 турнирот играат со рускиот првак Ростов Дон.

Најново во Ракомет