ПЕПИ МАНАСКОВ СЕЛЕКТИРАШЕ РАКОМЕТАРИ ЗА НОВИОТ ПРОЕКТ

Се оформува „младиот“ РК Вардар - посилен и покомпактен од порано!

објавено: 21 јуни 2014 - 13:02

Младата екипа на РК Вардар која што следната сезона треба да почне да функционира како нов клуб од Првата лига, веќе го има костурот на тимот со кој ќе се обиде да биде конкурентен и веднаш да стаса до елитата меѓу најдобрите во Супер ВИП лигата. 

Предводникот на вардаровиот подмладок, прославената ракометна легенда Пепи Манасков, потврди дека со речиси сите играчи на кои смета веќе имаат потпишано договори. Засега се 10 играчи, но ќе има уште засилувања и префрлање на некои од младинската екипа на Вардар која е актуелен првак во таа категорија во Македонија, во „вториот тим“

Владо Недановски, Влатко Јовчевски и Градимир Чаневски ќе бидат префрлени од првиот тим на Вардар, потоа доаѓа Филип Чурлевски од Пелистер (среден бек), цела бековска линија на Пролет, Бојан Спасовски, Бобан Андовски и Александар Стефанов, па Александар Тренчевски, пивотменот на Зомимак, младото репрезентативно десно крило од Текстилец, Мартин Поповски и средниот бек Иван Ангелов, од истиот клуб. Секако, ќе имаме пет, шест ракометари и од младиот погон на Вардар, а јас лично скаутирав уште неколку млади ракометари од Ресен и од Велес. Мисијата на екипата е јасна – експресно пласирање во Супер лигата“, изјави Манасков.

Терминот за пријавување на екипите е 1 јули. „Младински Вардар“ би бил своевиден наследник на МРК Вардар, вториот тим од „Кале“, кој се натпреваруваше во Супер лигата од 2004/05 до 2009/10 сезона. Тогаш беше селектирана екипа составена од млади ракометари кои играат во младинската репрезентација, успеја да играат и во Купот Челинџ предводени од Илија Темелковски, а потоа тимот беше расформиран поради големите трошоци на тогашниот спонзор кој истовремено правеше екипа и со првиот тим на Вардар.

Целта на одново воведување на младинска екипа е полесно генерирање на квалитетни млади ракометари, кои би претставувале иднина и на клубот и на македонската репрезентација. Вардар сезонава ги освои првите места во пионерска, кадетска и младинска категорија, па од клубот сметаат дека има квалитет кој со работа треба да придонесе за пополнување на местата во првиот тим, каде в година ќе играат големи ракометни звезди како Штербик, Лацковиќ, Дибиров, Тоскиќ, Горбок итн...

Најново во Ракомет