МУ ФРЛИЈА ОКО НА ДЕСНОТО КРИЛО НА ВАРДАР

Србија ни го краде кадетскиот бисер Јагуриновски!

Ракометарот на Вардар 2, Томислав Јагуриновски (17) би можел во иднина да стане репрезентативец на Србија, чии скаути веќе го контактирале и поканиле да замине на тренинг камп и контролен натпревар на нивната репрезентација.

објавено: 16 ноември 2015 - 19:50

Јагуриновски (183 см) кој игра на позиција десно крило истовремено е регистриран и за првиот тим на Вардар и понекогаш добива и шанса да игра на мечеви за „црвено-црните" пред се во СЕХА лигата. Лани добиваше шанса да игра за првиот тим на натпревари од плеј офот во домашното првенство. Тренерот Раул Гонзалез го препозна квалитетот на младиот играч, и затоа тој настапува со двојна регистрација. Повремено и тренира со првиот тим, што е пракса на Гонзалез за оние играчи кои ги смета за талентирани.

Тој е еден од кадетските ракометни бисери на Македонија, особено што е левучар, карактеристика ретка во ракометот. Со екипата на Вардар 2 се натпреварува во Прва лига, и „црвено-црните" моментно се на првата позиција, со големи шанси до крајот на сезоната да бидат на место што би им донело директен пласман или пак бараж меч за влез во елитата. Таму во моментов има две екипи на Вардар, сениорскиот тим и Вардар јуниор.

Од Ракометниот Сојуз на Србија на адреса на Јагуриновски стигнала покана тој да замина на тренинг камп, но откако од клубот побарале официјално барање за негово заминување пред се заради обезбедување од несакана повреда, од РСС се повлекле, но најавиле дека на следниот собир кога ќе се селектираат ракометните надежи Јагуриновски и официјално ќе добие покана. Тоа веројатно би било во втората половина на декември годинава.

Играчот на Вардар има „српски корени" и тоа му овозможува да избере за која репрезентација би настапувал. За Македонија се уште нема репрезентативен настап.

Најново во Ракомет