САКА ФАЈНАЛФОР ПРЕД В ЛЕТО ДА ПРЕМИНЕ ВО ГОРЕЊЕ

Тоскиќ: Жал ми е што ќе си одам, знам дека еден ден Вардар ќе се качи на врвот на Европа!

Алем Тоскиќ оваа сезона донесе многу радост на вардаровите навивачи, но истовремено и многу јадови, зашто најави дека си заминува од јуни. Во интервју за „Балкан-хендбол“, српскиот пивот опишува како се чувствува во Вардар и зборува за неизмерната желба престојот во Вардар да го круниса со пласман на Ф4 во Келн.

објавено: 6 април 2016 - 10:00

Доволен е еден поглед на статистиката да се сфати дека Алем Тоскиќ ја игра најдобрата сезона во кариерата токму кога треба да си оди од Вардар. Досега постигна 51 гол во Лигата на шампионите, а за неговиот придонес во одбраната не постојат мерни единици. Признава дека системот на Раул Гонзалес му одговара, а Скопје му годи. Сепак, вели, семејството е пред сѐ и затоа мора да се врати кај нив во Словенија. Што е однесува до спортскиот дел на животот - Вардар ќе му недостасува.

„На почетокот на годинава морав да средам некои работи. Семејството ми е број 1 во моментов. Се обидував да ги префрлам во Скопје на сите можни начини, но едноставно не одеше. Мора да го направам тој чекор и да се вратам во Словенија. Жал ми е за спортскиот аспект. Дали оваа сезона или некоја друга, Вардар ќе биде на врвот на Европа. Ова е многу амбициозен клуб“, додава 34-годишниот пивот.

Никој не знае однапред уште колку натпревари има во нозете додека ги закачи патиките на клин, но затоа Тоскиќ со сигурност знае дека ако не успее сезонава со Вардар, тешко дека некогаш повторно во кариерата ќе добие шанса да се пласира на фајналфор во ЛШ.

„Тоа е моја голема желба. На соиграчите во шега им велам дека така планирам да се простам од Вардар. Кога веќе мора, тоа нека биде во Келн. Ќе биде тешко, но сѐ е отворено. Веспрем е благ фаворит во двомечот, но не можевме да бираме. Реален сум и знам дека во иднина ќе биде тешко да дојдам до таков резултат чиј било дрес да носам“, призна Тоскиќ.
 
Финалето во Вараждин покажа дека Веспрем не е толку недостижен и дека Вардар има шанси, сепак, мора да ги надмине своите слабости ако сака да го совлада големиот противник во четвртфиналето од ЛШ.
 

„Кога ќе го погледнете нашиот состав, тој е лимитиран во однос на најголемите ривали. Освен Горбок немаме вистински шутер. Го имавме Деревен, но тој се повреди на стартот на сезоната. Сите сме наместени така што тој минус го надокнадуваме со други работи. Погледнете ја одбраната на Веспрем во однос на нашите 190 и нешто сантиметри, но Раул нѐ доведе до стадиум да можеме да функционираме. Сите се прашуваат како, ама тој нас нѐ вклопи и без висина изгледаме перфектно“, потенцира Тоскиќ.

Тој не е прв, веројатно ни последен кој дели убави зборови за шпанскиот тренер. И во оваа пригода даде неколку комплименти, дури рече дека Раул е најголемото богатство на Вардар.

„Раул е врвен тренер, професионалец, 24 часа во ракометот. Секој играч би посакал да има таков тренер. За него нема ниакво изненадување, сѐ живо знае, упатен е максимално, знае што може секој играч посебно. Подготовките на тренинзите се феноменални, тренинзите одлични и по мое мислење најголем квалитет и најголемо богатство на Вардар е Раул Гонзалес. Луѓето многу го фалат, а ја можам сѐ да потврдам. Човекот е феномен, секоја година го крева квалитетот. Нас нѐ доведе до фаза да играме против поквалитетни екипи, кои се фаворити“, дополни Тоскиќ.

 

Најново во Ракомет