Велешката школа на „црвено-црните“ одличен проект

Вардар е бренд и магнет за ракометни таленти

Велешката школа за ракомет под закрила на Вардар работи одлично, а вече десетина деца напредуваат одлично во селекциите на Вардар. Тренерот Никола Бисинов вели дека Вардар е голем бренд, што е и магнет за децата

објавено: 11 октомври 2017 - 17:03

Велешката школа за ракомет под закрила на Вардар работи одлично, а вече десетина деца напредуваат одлично во селекциите на Вардар. Тренерот Никола Бисинов вели дека Вардар е голем бренд, што е и магнет за децата, да тренираат ракомет.

„Иако и порано сум имал деца со кои работев, сепак Вардар е бренд кој привлекува таленти во ракометот, особено по успехот кој го направи машката екипа. Има голем интерес на дечиња на возраст од 6-7 години и постари. Успешно работиме со двајцата соработници во школата. Имаме околу 30- на мали ракометари кои ги учат првите чекори кај нас. Кај нас доаѓаат деца кои првпат на тренинг се среќаваат со ракометна топка и затоа почнавме да работиме и со помали категории. Кога ќе стигнат во петто одделение да имаат претстава како се држи и фрла ракометна топка, да знаат да ја фатат, односно да имаат моторика со рацете. Разговаравме со колеги за Хрватска, каде например децата од 2004 година техниката ја имаат веќе добро совладано, и затоа потоа повеќе деца имаат можност да очекуваат и професионален успех. Се обидувам истото да го правам и со мојата школа во Велес. Со малите повеќе се работат некои вежби или игри за да се запознаат со спортот", вели тренерот Бисинов, за клупската интернет страница.

Од велешката школа веќе на јавноста и се претстави Тоше Ончев, кој е голем талент, а Бисинов вели дека има уште таленти.

„Пет момчиња од  генерацијата 2004/05 година кои напредуваа во екипата на Вардар Јуниор продолжуваат да играат и во Вардар Јуниор лигата, заедно со децата родени 2002 година. Имаме интересна генерација во 2006/07 кои годинава ќе играат на нормален терен. Тоа се дечиња кои имаат предиспозиции да пораснат повеќе и нив малку повеќе ќе им се посветам. Имам и три деца родени 2002 годиште, и меѓу нив има интересни таленти. И момчињата кои добија шанса во пионерската екипа на Вардар јуниор имаат добри предиспозиции за развој и се добар материјал за работење. Тука се Иле Табаков, Иле Велковски, Давид Славевски, Марјан Гочев и Антони Андовски", додава Бисинов.

 

Најново во Ракомет