НОВО КЛУПСКО ПОГЛАВЈЕ

ВАРДАРКИ ПОЧНУВААТ ОД ПОЧЕТОК: Кадетките се „црвено-црната“ иднина

Со нова и млада екипа предводена од Симе Симовски, Драгана Пецевска Ристова и Александар Царчев, ЖРК Вардар влегува во новата сезона со амбиција и желба во иднина повторно да се врати на ѕвездените европски патеки.

објавено: 9 август 2018 - 12:00

По шест национални титули и пет настапи на Ф4 во Лигата на шампионите, ЖРК Вардар отвора ново клупско поглавје.

Тимот почнува од почеток, односно од својата основа, генерацијата 2002 и помлади, што го потврдува веќе добро познатиот факт дека двојната круна на домашна сцена ќе се брани со кадетски состав.

Со нова и млада екипа предводена од селекторот на А националниот тим Симе Симовски, Драгана Пецевска Ристова како негов асистент и Александар Царчев како тренер на голманите, ЖРК Вардар влегува во новата сезона со амбиција и желба во иднина повторно да се врати на ѕвездените европски патеки.

„Имаме одлични услови за работа во СЦ „Јане Сандански". Тука ќе ги имаме базичните подготовки, и ќе работиме на тактичко-технички план. Планирано е да одиграме и повеќе
пријателски натпревари со екипи од домашното првенство. Сега екипата е млада, на хартија делуваме како аутсајдери, но со добар пристап и систем би требало следните сезони да имаме резултати. Потребно е и трпение секако да се стигне до резултатот", потенцира Симе Симовски.

„Со оглед дека јас почнав на 16 години да играм во Прва лига, сметам дека овие ракометарки не се млади. Досега работевме согласно нивната возраст во однос на физичка подготвеност. Во однос на ракометно знаење тоа го имаат и треба само да се надградуваат, индивидуално и физички. Имаме добар фонд на играчи и нема да биде никаков проблем да се натпреваруваат во Лигата", констатира Драгана Пецевска Ристова.

Тимот ќе го сочинуваат 21 ракометарка, а единствено засилување е десниот бек Теодора Стаменковска од Велес.

Најново во Ракомет