БЕКОТ КОЈ ГО НОСЕШЕ ДРЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА И СЛОВЕНИЈА НАЈАВИ

Вугринец: Словенија ја има клупата, Македонија го има Раул! Не знам дали ќе навивам

Ренато Вугринец е единствениот ракометар кој го има носено дресот и на двата национални тима. Бекот кој има подолг стаж како репрезентативец на својата земја не знае дали ќе навива на вечерашната пресметка. 

објавено: 13 јануари 2018 - 14:00

Ренато Вугринец е единствениот ракометар кој го има носено дресот и на двата национални тима. Бекот кој има подолг стаж како репрезентативец на својата земја не знае дали ќе навива на вечерашната пресметка. За „Македонски спорт" беше расположен од Белград да одговори што очекува на отворањето.

„Во никој случај не би дал предност на ниту една репрезентација. Македонија доби многу со превземањето на селекторската функција на Раул Гонзалез. Во Македонија владее тотална еуфорија по успехот на Вардар во Лигата на шампионите. Со Гонзалез на клупата сите македонски играчи се помалку или повеќе полни со самодоверба, што е и тоа како важно во пресрет на едно вакво големо натпреварување.
Првите натпревари на сите првенства се крајно непредвидливи. Можеби мала предност на Словенија и носи поголемиот фонд на играчи за разлика од Македонија. Тука гледам шанса за Словенија, која иако се мачи со повреди, сепак има подолга клупа и одличен тренер – Веселин Вујовиќ, кој ќе знае максимално да ги мотивира.
Како што знаеме сите главата е најважна, психолошкиот момент. Словенија доаѓа и со одличен резултат од последното СП – бронзен медал, кој е дополнителен мотив.
Но, дефинитивно, прв натпревар и сè е можно! Ќе победи оној кој ќе биде подобар на теренот. Ќе бидам во Скопје и ќе го следам натпреварот, но не знам дали ќе навивам", рече за „Македонски спорт“, Ренато Вугринец.

Вугринец за Македонија играше во периодот од 2014 и 2015 година, додека за Словенија од 1996 до 2010 година.

Најново во Ракомет