БИТОЛСКИОТ ТИМ ДЕБИТИРА ВО ЕХФ КУПОТ

Еурофарм Работник по историја

Првиот чекор кон најголемиот клупски успех Еурофарм Работник треба да го направи попладнево (17:30 часот) во салата „Боро Чурлевски" во Битола, кога во третото квалификациско коло од ЕХФ купот, го пречекува швајцарскиот претставник Берн.

објавено: 17 ноември 2018 - 13:05

На „фармацевтите" среќата им се насмевна пред еден месец на ждрепка во Виена кога добија противник по мерка. Во премиерната сезона во второто по квалитет европско клупско натпреварување Еурофарм Работник може да стане вториот македонски претставник кој се изборил за место во групите (по Зомимак) во овој формат од ЕХФ купот.

Берн е тим кој трета година во низа е дел од ЕХФ купот, но исто како и Еурофарм Работник премиерно ќе игра во третото коло. Швајцарците сезонава тргнаа од првото коло во кое го совладаа естонскиот тим, Полва Сервити, додека вистинско изненадување приредија во второто коло кога го елиминираа руски Спартак. Токму тој факт е аларм за стратегот на „фармацевтите" Ѓорѓе Чирковиќ, кој потенцираше дека е потребно неговите ракометари да играа со високо ниво на дисциплина и концентрација.

Бековска линија на Берн ја држат интернационалци, а Чехот Шумански е нивниот клучен играч, кој одбраната на Еурофарм Работник ќе треба да го запре.

Репрезентативната база и искуството е она што треба да даде стабилност во играта на „фармацевтите", а поддршката и победничката атмосфера од трибините да биде само дополнителен ветар во грб за победнички старт во ЕХФ купот.

Еурофарм Работник има одлична сезона на домашната сцена со победничка серија од девет натпревари, па и покрај шокот со допингуваниот играч, кој го претрпе во пресрет на ЕХФ дебито, се чини дека тимот е решителен победничката слика да ја пренесе и во Европа.

Најново во Ракомет