ПОТВРДА ОД ЕВРОПСКАТА КУЌА НА РАКОМЕТОТ

„Гладијаторите“ против Волендам на 2 и на 3 септември

Македонскиот тим два пати ќе игра во Охрид со холандскиот претставник

објавено: 17 август 2017 - 14:45

Тимот на Охрид го освои четвртото место на турнирот во Струга и остави одличен впечаток пред љубителите на ракометот. Тимот на Охрид беше конкурентен на сите три натпревари, иако два пати загуби од тимови што играат во Лигата на шампионите. „Гладијаторите" сезонава првпат ќе играат во европските купови, иако и минатата сезона имаа право на тоа, но не се пријавија. Сезонава, тимот на Горан Андоновски ќе игра во првото квалификациско коло на Купот на ЕХФ, а за противник го доби холандскиот тим КРАС Волендам. Охридскиот тим не важи за голем фаворит, но шансите за пласман во следната фаза се зголемија откако Холанѓаните прифатија двата натпревара да ги играат во Охрид, во салата „Билјанини Извори".

Дуелите се веќе закажани за 2 и за 3 септември, сабота и недела, почетокот е во 19 часот, а Европската ракометна федерација ги потврди и на својот официјален сајт. Доколку ги помине Холанѓаните, Охрид во второто квалификациско коло ќе се сретне со португалскиот тим Порто.

Најново во Ракомет