ЕУРОФАРМ РАБОТНИК ПОРАЗЕН ВО ПРВИОТ МЕЧ ОД ЕХФ КУПОТ

Лесјак ги запре „фармацевтите“ во Хановер

Имаа шанси за изненадување ракометарите на Еурофарм Работник, но чуварот на мрежата на Хановер му донесе победа, 24:21 (16:14) во првиот меч од групата Б.

објавено: 9 февруари 2019 - 21:08

Еурофарм Работник го претрпе првиот пораз во групата Б од групната фаза во ЕХФ купот на гостувањето кај Хановер, 24:21 (16:14).

Одиграа „фармацевтите“ одличен меч, интересен и неизвесен, на моменти дури и драматичен, а имаа и шанси за изненадување, кои за жал не ги искористија и на крајот мораа да се помират со пораз.

Се држеа во игра константно ракометарите на Ѓорѓе Чирковиќ, знаеја и можеа да се носат со бундеслигашот, во првото полувреме предводени од одличниот кружен напаѓач Граџан, како и голманот Чаневски, но на полувремето заминаа со два негатива (16:14).

Во продолжението од -4 (22:18) со серија од 0-3 Еурофарм Работник дојде на 22:21 каде Остроушко во два наврати имаше шанса за изедначување но не ја искористи, Лесјак се испречи. Потоа истото им се случи и на Кузмановски, како и на Ѓукиќ, кој беше запрен од линијата од седум метри.

До крајот Хановер само ги казни „фармацевтите“ за пропуштената можност и дојде до победа 24:21.

Граџан со 6 погодоци е прв стрелец во редовите на Еурофарм Работник, додека Остроушко и Кузмановски имаа по 4 гола.

Во следното коло Еурофарм Работник на домашен терен ја пречекува Татабања, која исто така го загуби стартниот меч од Нексе.

Најново во Ракомет