РФМ ИСПРАТИ БАРАЊЕ ЗА ДОПОЛНИТЕЛНО 5. МЕСТО

Пелистер чека шанса за Челинџ Куп

РФМ, покрај четирите места на ЕХФ клупските натпреварувања, има испратено барање и за дополнително петто, но малку е веројатно дека ќе добие позитивен одговор.

објавено: 22 јуни 2017 - 16:00

Желбата на Пелистер е да го задржи континуитетот на настапи во европските клупски купови, но четвртото место во домашното првенство не му го овозможува тоа. И покрај ова битолските „зелени" го почитуваа крајниот рок на ЕХФ и, заедно со Вардар, Металург, Еурофарм работник и со Охрид, ја искажаа својата желба за излез во Европа.

Пелистер, преку РФМ, испрати писмено барање до европската куќа на ракометот за дополнително петто место на клупските натпреварувања. Согласно со рангирањето во ЕХФ, Македонија има четири места (единствени федерации кои имаат пет места се Германија и Унгарија) и малку е веројатно дека нешто ќе се смени.

Како втора опција за Пелистер е некој од „четворката" Вардар, Металург, Охрид и Еурофарм работник да се премисли и да се повлече од европските купови, па така „зелените" да обезбедат настап. Но и тоа тешко дека ќе се случи.

Од РФМ потврдија дека, покрај Вардар, кој и следната сезона ќе настапува во Лигата на шампионите, Металург поднел барање за вајлд карта на најсилното европско клупско натпреварување. Доколку не ја добие, тогаш тимот од Автокоманда ќе се натпреварува во ЕХФ-купот. Третопласираната екипа во националното првенство, Охрид, исто така, има право на настап во ЕХФ-купот, како втор тим. Еурофарм работник, пак, како финалист во Купот на Македонија, обезбедува учество во Челинџ купот.

Пелистер претходната сезона настапи во Челинџ купот, но ја искористи ситуацијата откако струмички Зомимак се повлече од настап во европските клупски купови. Годинава тешко дека ќе има таква среќа, со оглед на тоа дека има желба, но нема место за Европа.

Најново во Ракомет