како редарите во салата го оценуваат првенството

Фалангата ем е најбројна, ем е најкултурна

И на трибините делиме лекција по европско однесување

објавено: 18 јануари 2018 - 18:21

Од Загреб, Марија Ковачева

Македедонија дели ракометни лекции на теренот, по првите три меча на континенталниот собир во Хрватска. Со две победи и едно реми, нашите херои го освоија првото место во гупата, оставајќи ги зад себе актуелниот европски првак Германија, но и третопласираната селекција од последното Светско првенство, тимот на Словенија. 

Сите се воодушевени од играта на Македонија на теренот, а тоа може и да се види на телевизиските екрани и по реакциите на многуте светски коментатори. Освен на теренот, повеќе од забележително е тоа и дека кога Македонија игра, салата во Загреб беше најмногу исполнета. 

Популарната „Фаланга“ даваше несебична поддршка на ракометарите, а тие им возвратија со многу радости. Нашите навивачи беа најбројни во првиот дел од гупната фаза. Интересно е тоа што, за една недела колку што се тука фановите, нема ниту еден инцидент, ниту во салата, ниту надвор од нејзе. 

Еден од главлите луѓе задолжени за обезбедување на редот во салата, синоќа во неврзан разговор даде една интересна констатација.

„Многу е полесно кога игра Македонија. Нивните навивачи се многубројни, но немаме проблем, бидејќи сите се коректни. Ако имаме некоја забелешка на нивното однесување, тие веднаш се корегираат. За разлика од Македонците, најтешко ни беше кога играат Словенците. Нивните навивачи едноставно не сакаат да слушаат кога ќе им кажеме дека непристојно се однесуваат во одреден дел од мечот“, рече човекот од обезбедувањето.

Престојот на Македонија во Загреб едноставно е една прекрасна приказна како на натпреварувачки, така и на навивачки план, на ова Европско првенство.

 

Најново во Ракомет