Фаворитот тргна според планот

Франција демонстрираше моќ над Бразил

Во премиерниот меч на Светското првенство, домаќинот оствари уверлив триумф од 31:16, и со тоа на маестрален начин ја започна одбраната на титулата. На премиерата на Мундијалот, Драган Начевски имаше чест да биде делегат

објавено: 11 јануари 2017 - 22:13

Нема подобар начин од сигурен почеток за одбрана на титулата. Таква сигурност демонстрираше и Франција на воведниот меч од Светското ракометно првенство против Бразил.

Организаторот на овој Мундијал во „Аркохотел" арената победи со 31:16. Воедно, Македонецот Драган Начевски кој е претседател на Судиската организација на ЕХФ, имаше чест да биде делегат на оваа средба.

Уште во почетните минути, „триколорите" ставија до знаење на јужноамериканската селекција дека нема што да бараат. На голот го имаа неверојатниот Тјери Омеје кој за само едно полувреме оствари маестрални 15 одбрани. За тие 30 минути, Французите направија предност од 17:7.

Во вториот дел, шанса доби и вториот голман Винсен Жерар, а очекувано Франција влезе далеку поопуштено. И покрај тој податок, Французите со секој нареден напад создаваа сè поголема предност. Така, на две минути пред крај поведоа и со 30:15.

На крајот конечни 31:16 за убедлив почеток на Мундијалот за домаќинот и први два бода во групата А. Неверојатниот Омеје имаше 15 одбрани за едно полувреме, додека во нападот Валентин Порт беше стрелец на шест голови.

Најново во Ракомет