ЌЕ ЈА ИМАМЕ ПОДДРШКАТА ОД ДОМАШНИТЕ НАВИВАЧИ

Хрватите ни порачаа: Ќе навиваме за Македонија, победете ја Словенија и „спуштете“ го Вујо на земја

Топло добредојде добивме уште на хрватската граница

објавено: 12 јануари 2018 - 09:03

СПЕЦИЈАЛНО ОД ХРВАТСКА, МАРИЈА КОВАЧЕВА

Македонските навивачи дефинитивно се едни од омилените во Хрватска. Во тоа се уверивме и денеска, додека патувавме кон Загреб. Уште на граничниот премин, хрватскиот службеник нѐ увери дека Македонија во Загреб ќе ја има поддршката и од домашните навивачи.

„За каде патувате?“, нѐ праша службеникот.

„Во Хрватска одиме на Европското првенство“, одговоривме и веднаш добивме пријателска насмевка. 

Службеникот на хрватската граница беше добро информиран и знаеше дека Македонија утревечер игра против Словенија. Тој ни порача дека многу Хрвати ќе навиваат за Македонија, посебно во дуелот против Словенија.

„Мора да ги победите Словенците и да го спуштите Вујо на земја. Ние Хрватите ќе навиваме за вас. Како е Кире Лазаров? Во добра форма ли е?“, ни рече службеникот на границата.

Откако доби потврден одговор дека Лазаров е во одлична форма и дека сите македонски ракометари се подготвени за битка со Словенците, тој ни посака среќен пат кон Загреб. 

Во загребската „Арена“, Македонија се очекува утре да има поддршка од околу 2.000 наши навивачи кои специјално ќе пристигнат во Загреб. Според најавите, освен „Фалангата“, за Лазаров и другарите ќе навиваат и хрватските ракометни фанови. 

Најново во Ракомет