Легендарниот чувар на мрежата е неуништлив

Ангелов: Нема пензија, кариерата продолжува надвор од Македонија

„Ова е мојот прв Ф4 турнир во кариерата како голман на Вардар, но, во наредната сезона продолжува кариерата и тоа во нов клуб, надвор од Македонија" изјави популарниот Диви

објавено: 29 мај 2017 - 17:47

Петар Ангелов не планира да стави крај на својата голманска кариера. Легендарниот чувар на мрежата на Вардар од наредната сезона беше најавуван како нов тренер на голманите на овој тим. Но, очигледно нема да биде така. Популарниот Диви не планира да стави крај на својата богата играчка кариера, напротив, најави трансфер надвор од државата.

„Натпреварите во сабота и недела нема да бидат мои последни во кариерата. Ова е моја последна сезона во Вардар, но, од наредната продолжувам во нов клуб и тоа надвор од границите на Македонија. Не би сакал сега да откријам кој е, ќе бидете известени во наредните седмици" изјави Ангелов и продолжи.

 

„Сите го очекувавме моментот наречен фајнл-фор. Мене ми се исполни на најголемата возраст да одам на него. Знаеме со кој играме, како ќе биде. Се надевам дека екипата е добро спремна, јас имав пех со повреди, но, полека се враќам и мислам дека ќе биде добро сè. На Ф4 идат најдобрите екипи од Европа. Се знаеме сите. Ќе одлучуваат ситни работи. Ќе спомнам дека секој голман што ќе има над 15 одбрани, неговиот тим ќе биде во голема предност. Барселона е добра од сите страни" додаде легендарниот чувар на мрежата.

Најново во Ракомет