МАКЕДОНЕЦОТ ЗАБЕЛЕЖА 41 ОДБРАНА НА САМО ДВА МЕЧА

Цветковски е главен адут на РК Босна: Пишуваме нова историја!

Јане Цветковски, македонскиот голман кој во РК Босна пристигна на почетокот на декември е еден од најдобрите играчи на босанскиот колектив и е прогласен за едно од најдобрите засилувања во овој преоден рок. Македонецот забележа дури 41 одбрана на два меча, што е навистина импресивно, статистика со која не може да се пофалат дури ни најдобрите светски голмани.

објавено: 23 јануари 2016 - 18:25

Цветковски кариерата ја започна во Тинекс Пролет, каде настапуваше долги осум години. Потоа, следеше трансфер во Словачка, поточно во Агро Тополчани, за на крај да заврши во таборот на босанскиот славен ракометен клуб. 

„Среќен сум што имам шанса да бидам дел од клуб каков што е Босна. Мислам дека пристигнав овде кога почна да се пишува новата историја на клубот и тоа ми е голем мотив, но и одговорност да бидам сѐ подобар. Начинот на кој бев прифатен од стартот ми даде знак дека сум на вистинското место“, изјави Цветковски.

Голманот има пофалби за плановите на управата, а исто така верува дека ако продолжи по тој пат - клубот ќе има голем успех.

„Верувам во визијата на клубот и управата. Сите ние имаме удел во остваруање на плановите, добро се прифатени и десетте нови засилувања, со што се дава знак дека ние навистина сме тим кој има амбиции. Нема ништо да прогнозирам пред да почнеме да играме, но верувам дека Босна повторно ќе биде на тронот“, заклучи македонскиот голман.

Цветковски и Босна моментално се подготвуваат за продолжението од сезоната во БиХ, која ќе продолжи на 30 јануари.

Најново во Ракомет