Капитенот со интервју за шпански АС

КИРЕ НАЦИОНАЛЕ: Со Македонија до Токио 2020, време е за втора титула со Барса во ЛШ

„Би сакал по втор пат во својата кариера со Барселона да ја освојам Лигата на шампионите, додека со Македонија сакам пласман на Олимпијадата во Токио 2020 година“ се зборовите на капитенот

објавено: 21 април 2017 - 09:00

Најдобриот македонски ракометар, КиреЛазаров имаше опширно интервју за шпанскиот весник „АС". Капитенот на нашата репрезентација и член на Барселона ги открива „пикантериите" од неговиот живот, како и плановите со кои планира да ја заврши својата и повеќе од успешна кариера.

„На почетокот започнав да се занимавам со кошарка, бидејќи ми се допаѓаше тој спорт. Но, татко ми беше тренер во ракометниот клуб во Свети Николе. Еден ден заминав на тренинг и останав во овој спорт. Мојот татко се противаше зошто сум левучар, бидејќи играчи со лева рака има малку, но, мене ми се допадна и го прифатив предизвикот. Поради мојата мала височина, првите четири или пет години играв на крилната позиција" изјави Кире.

Македонецот додава и зошто често се одлучува да ги промени клубовите, односно во ниту еден колектив се нема задржано повеќе од пет сезони.

„Себе си се сметам за светски патник и пет сезони на едно место е доволно, затоа имам потреба да менувам. Ако немаш мотивација да останеш на едно место, колку и да сте добри, не вреди ништо".

ВРЕМЕТРАЕЊЕТО НА ДОГОВОРОТ Е ПРИЧИНАТА ЗА ЗАМИНУВАЊЕТО ОД БАРСЕЛОНА

„Причината за моето заминување од Барселона не е економска, туку таа е поради времетраењето на договорот кој ми беше понуден. Иако имав и можност за трансфер во други клубови, таа на Нант беше најдобра. Потпишав договор на две сезони со опција за трета, во клуб кој константно напредува. Нант игра во Лигата на шампионите, го победи ПСЖ во првенството и има големи амбиции. Секако тука е и неверојатната публика" додава Кире.

„СРЕД ТУРНИР ОСТАНАВ БЕЗ ТАТКО"

„Смртта на татко ми без дилема е најтешкиот момент во мојата кариера. Бев во Катар на Супер глоуб со Атлетико Мадрид и во истиот ден игравме финале со Кил. Утрото ја примив таа лоша вест и попладнето морав да играм финале. Успеавме да го победиме германскиот тим и веднаш се вратив во Македонија на погреб. По неколку дена беше емотивното едноминутно молчење во „Висталегре" во Мадрид пред мечот о АСОБАЛ Суперкупот меѓу Атлетико Мадрид и Барселона".

ОЛИМПИЈАДА СО МАКЕДОНИЈА И ТИТУЛА ВО ЛШ СО БАРСЕЛОНА ЗА КРАЈ НА БОГАТАТА КАРИЕРА

„Би сакал по втор пат во својата кариера со Барселона да ја освојам Лигата на шампионите, додека со Македонија сакам пласман на Олимпијадата во Токио 2020 година. Во два наврати стигнавме во квалификациите, но, не успеавме. Да се пласираме во Токио ќе биде многу тешко, но, одиме чекор по чекор, година по година. Дај боже да ги избегнам повредите и да го задржам нивото на игра. Ќе биде како сон кој станува реалност доколку се квалификуваме" најавува Лазаров.

„СЕДУМКА" ВО МАКЕДОНИЈА, ВО БАРСЕЛОНА СО БРОЈ 77

„Бројот 77 во Барселона го носам бидејќи седмицата е повлечена. Таа е во чест на кошаркарската легенда на Барселона, Тони Кукоч. Ја сакам кошарката, а нему му се одушевував кога играше за Југопласика и кога ја победи Барселона" се завршните зборови на капитенот.

Најново во Ракомет