По официјализирањето на договорот со Нант

Лазаров: Пресреќен сум, ова е нов возбудлив предизвик во мојата кариера

Кирил Лазаров одлучи да направи нов чекор во својата кариера. Капитенот на македонската репрезентација потпиша двегодишен договор со францускиот прволигаш, Нант. 

објавено: 17 февруари 2017 - 18:15

Кирил Лазаров сепак ја прифати понудата на Нант. По долги години минати во дресот на Барселона, тој се одлучи за нов предизвик, според него францускиот тим е амбициозен и еден од најдобрите клубови во светот.

 

„Задоволен сум што се договоривме со ХБЦ Нант. Се приклучувам кон амбициозен клуб кој продолжува да расте сезона по сезона. Пресреќен сум што доаѓам во еден од најдобрите клубови на светот. Повторно ќе имам можност да играм во Лигата на шампионите. Ги следев натпреварите од француското првенство и секако Нант. Ова е возбудлив нов предизвик во мојата кариера", изјави Лазаров за официјалниот сајт на Нант.

Новата екипа на Лазаров е второпласирана во францускиот шампионат со само еден бод заостанување за лидерот ПСЖ. Нант со Лазаров го започнува проектот во кој ќе се обиде да им се доближи на ПСЖ и Монпелје и да биде секоја година дел од Лигата на шампионите. Нашиот ракометар официјално ќе биде претставен по завршувањето на сезоната.

Најново во Ракомет