ЧЛЕН НА ДАНУБИУС, МАКЕДОНСКАТА РАКОМЕТАРКА ЗА „СПОРТМЕДИА“

Ливриниќ се здоби со повреда: Имавме три силни мечеви, се надевам ќе биде подобро!

После три одиграни кола во најсилната женска ракометна лига во Романија, екипата на Данубиус Галаци има учинок од едно реми и два порази.

објавено: 17 септември 2018 - 20:30

Елена Ливриниќ во првите натпревари оваа сезона имаше одлични игри, најпрвин на стартот против Баја Маре беше најефикасна со 11 голови.

Потоа, во вториот меч каде што тимот одигра нерешено со Залау забележа девет погодоци, додека во дуелот со ЧСМ Букурешт (на поранешните Вардарки Цвијиќ, Лекиќ, Лазовиќ и Радичевиќ) постигна два голови. Моментно Данубиус е на 12. место на табелата и во следното коло ќе ги одмери силите со Корона Брашов на гостински терен.

Ексклузивно за „Спортмедиа" говореше македонската ракометарка на романскиот клуб Данубиус Галаци, Елена Ливриниќ:

„Имавме доста силни први три натпревари. На последната со ЧСМ Букурешт се здобив со мала повреда на латералниот лигамент на десното колено, која најверојатно ќе ме држи до три недели надвор од ракометниот терен", ни изјави Ливриниќ.

Таа вели дека тимот ќе се обиде во наредниот период да одигра подобро и да не се повторат грешките од ланската сезона:

„Во тимот има доста хармонија, и веќе доволно добро се познаваме со играчите. Знам дека секоја ќе даде се од себе и нема да ги направиме истите грешки од минатата сезона кои не доведоа до бараж натпреварите за опстанок. Почнавме солидно, се надевам дека уште подобро ќе продолжиме", додаде нашата ракометарка.

Најново во Ракомет