ПРВ ПОРАЗ ВО ФРАНЦУСКОТО ПРВЕНСТВО

Шамбери ги сопре Лазаров и Нант

Серијата од седум победи на Нант во францускиот шампионат заврши на домашен терен. Шамбери го совлада тимот за кого настапува Кирил Лазаров со 29-33 и го симна од врвот на табелата.  

објавено: 7 ноември 2018 - 22:21

Веќе нема непоразени во францускиот шампионат, откако вечерва Нант пред своите фанови беше совладан од Шамбери со 29-33. Тимот за кого настапува капитенот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров до осмото коло имаше седум победи во низа и го држеше лидерското место, кое ќе им припадне на ракометарите на Шамбери.

Лазаров имаше 50% реализација, постигна три гола од шест обиди во меч во кој Нант уште по првото полувреме беше далеку од триумфот, имаше негатива од 14-17.

Шанса да се вратат на победите капитенот и неговите соиграчи ќе имаат во недела на гости кај Жарко Пешевски и Мотор во Лигата на шампионите.

Вечерва на победа во француското првенство се радуваше Раул Гонзалез и ПСЖ на домашен терен беа подобри од Екс со 31-27.

По осмото коло Шамбери е на првото место на табелата со 15 бода, зад него е Нант со еден бод помалку, додека ПСЖ е на третата позиција со 13 бода и еден меч помалку. 

 

 

Најново во Ракомет