Вечерва стартува 25. Светски шампионат

Франција тргнува по нова историја

Организаторот на Мундијалот на домашен терен ќе се обиде да го освои шестото злато и со тоа да го потврди приматот најдобра во историјата

објавено: 11 јануари 2017 - 17:50

Со натпреварот меѓу домаќинот Франција и Бразил (20:45 ч.) вечерва започнува 25. Светски ракометен шампионат. Најдобрите 24 репрезентации на планетата до 29 јануари ќе се борат за шампионскиот трофеј.

Патот до таму воопшто не е лесен, особено ако се знае фактот дека токму домаќинот е најголем кандидат за освојување. Сè друго би претставувало мала сензација.

Без легендарниот Клод Онеста, кој беше селектор полни 16 години, „триколорите" ќе се обидат пред своите навивачи да ја одбранат титулата освоена пред две години во Катар. Токму промената на клупата на Франција би можело да биде најголем проблем. Онеста го наследија некогашните носители на играта, подоцна и ученици, Дидиер Динар и Гијом Жил.

Голем плус за Динар и Жил е тоа што главните ѕвезди Никола Карабатиќ, Тијери Омеје, Лук Абало, Даниел Нарсис и Седрик Сораиндо ќе играат и на овој Мундијал.

Сепак, и покрај селекторската промена, Франција важи за фаворит број еден за освојување на титулата. Тоа ќе биде златен трофеј број шест во нивните витрини, со што ќе направат нов, историски чекор.

ДУШЕБАЕВ ЌЕ БАРА ЧУДО СО ПОДМЛАДЕНАТА ПОЛСКА
Полската репрезентација пред стартот на Светското првенство се соочуваше со голем број на проблеми. Селекторот Талант Душебаев не можеше да „крене глава".

Сипжак на само десеттина дена откажа поради повреда на коленото. Претходно од националниот тим се повлекоа и Јурецки, Лијевски, бјелецки и Шмал. Јасно е дека Полјаците со целосно променет состат, тешко ќе направат некое големо изненадување и дека ќе успеат да и парираат на Франција во групата „А".

„ЗБОРНАЈАТА" И НОРВЕШКА ЧЕКААТ ОД ПОЗАДИНА
Руската репрезентација ќе се обиде да ги искористи празнините кај Полјаците со кои ќе водат битка за второто место. Во својот тим имаат неколку иискусни и проверени имиња. Најдобро познат на нам секако дека ни е Тимур Дибиров. Вардаровото крило кое е едно од најважните играчи кај „црвено-црните". Според многумина главната ѕвезда кај Русите ќе биде Дмитриј Житников. Реалниот нивен дострел е пласманот во осминафиналето.

Норвежаните, пак, на последното Европско првенство Полска пред точно една година беа едно од освежувањата. Настапија со тим кој беше преполн со тинејџери и имаа неколку подвизи. Во полуфиналето беа запрени од првакот Германија и тоа со минимален пораз од 34:33.

На крајот не успеаја да завршат на пијадесталот. Сепак, оваа репрезентација е постара и поискусна за една година. А предводени од најдобриот нивни играч Сандер Сагосен, имаат потенцијал да го повторат успехот од Полска.

АУТСАЈДЕРИТЕ БРАЗИЛ И ЈАПОНИЈА
Јасно е кој е кој во оваа група. Ако со сигурност може да се констатира дека Франција е број еден фаворит, тогаш аутсајдери се Бразил и Јапонија.

Јужноамериканската селекција, предводена од Вашингтон Нуњез реално нема квалитет за големи дострели. Тука е и едно познато име, Рожерио Мораеш кој од оваа сезона го облече дресот на Вардар. Сепак Бразилецот не импресионираше со своите способности.

Јапонците, пак, се една од најслабите селекции во Франција. Азиската репрезентација, која лани беше предводена од Карлос Ортега, сега, како селектор го има Масамори Ивамото, релативно непознат тренер кој лебот го печали во Азија.

Јапонците својата шанса ја гледаат против Бразил, иако квалитетот е целосно на Јужноамериканската репрезентација.

Најново во Ракомет